Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со делегација на министерството, од денеска е во дводневна работна посета на Република Италија.

Во рамките на првиот ден од работната посета, министерот Николовски, заедно со македонската делегација, го посети откупно-дистрибутивниот центар „Чентро агроалиментаре“, каде што им беа презентирани основните карактеристики на откупниот центар и пазарите на големо во Италија.

На површина од 1.400 ха, овој откупно-дистрибутивен центар на едно место нуди голем избор на овошје, зеленчук, риби, органски производи, логистика, а во рамките на центарот постојат и преработувачки капацитети за преработка на производите.

Оваа пријателска работна посета отвори можност за размена на позитивни искуства, како и имплементација на успешни модели за организација на големопродажбата на прехранбени производи, со оглед на тоа што како Министерство веќе сме во фаза за реализација на ваков проект.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку средства од Светската банка, во висина од 42 милиона евра, почнува проект за модернизација на земјоделско производство. Овој проект предвидува изградба на Agro Food Platform, односно голем логистичко-откупен центар за овошје и зеленчук. Проектот исто така предвидува изградба и на два помали откупни центра – еден за овошје и еден за зеленчук. Со овие средства од Светската банка, но и дополнителни средства од ЕУ, во рамките на овој проект се предвидува и изграба на кафилерија, односно фабрика за преработка на производи од животинско потекло. Реализацијата на овој проект за модернизација на земјоделското производство е веќе почната и во моментот се работи на подготовка и финализирање на сите технички документи за почнување со изградба на планираните откупни центри.

Делегацијата предводена од министерот Љупчо Николовски во текот на утрешниот ден ќе оствари работна средба со Стефано Патуанели, министер за земјоделство, прехрана и шумарство на Република Италија. На средбата двајцата министри ќе потпишат меморандум за соработка во областа на земјоделството помеѓу двете држави.