Институционалното решавање на работата на сезонците ќе ја чека новата влада, но и да ја добие поддршката од пратениците, неговата примена ќе биде одложена за најмалку 18 месеци, бидејќи ќе треба да се надгради постоечкиот информациски систем на Управата за јавни приходи
Институционалното решавање на работата на сезонците ќе ја чека новата влада. Законот за работно ангажирање на лица за вршење работи од привремена и повремена природа за одредени дејности, кој требаше да биде донесен во поедноставена постапка, не го виде светлото на денот во мандатот на претходната владејачка гарнитура, а засега е неизвесно дали и во каква форма ќе биде усвоен во иднина. Она што е најважно е дека и откако ќе ја добие поддршката од пратениците, неговата примена ќе биде одложена за најмалку 18 месеци, бидејќи ќе следи период на надградба на постоечкиот информациски систем на Управата за јавни приходи. Од Министерството за труд и социјала за „Слободен печат“, сепак демантираат дека со него ќе се врати платата во плик, за што сомнежи и реакции искажаа синдикатите и граѓанските здруженија.
-Дезинформација е дека се враќања можноста за исплата на плата во плик. Имено, Законот не предвидува плаќање во готово, туку само плаќање на трансакциска сметка на работно ангажираното лице – децидни се од МТСП.
Од ресорот објаснуваат дека една од неколкуте стратешки цели на „Стратегијата за формализирање на неформалната економија во Република Македонија, 2018-2022 година“ чии заложби беа пренесени и во новата Стратегија за периодот од 2023-2027 година, била стимулацијата и поддршката на формализацијата на неформалните економски активности преку воспоставување систем на превентивни и стимулативни мерки. Затоа и реформата е насочена кон развој на ново законско решение и воспоставување на информациски систем усогласен со постојните системи и ИТ мрежи кои веќе се во функција.
-Целта на реформата е да се воведе институционален механизам за работно ангажирање на лица за вршење работи од повремена и сезонска работа во одредени дејности. Истовремено, ќе се овозможи остварување на правата на лицата ангажирани по овој основ, уредување на правата и обврските кои ќе произлегуваат од работниот ангажман, задоволување на потребата од работна сила кај работодавачите, формализирање на непријавената работа во секторите земјоделство, шумарство и рибарство, објекти за сместување и сервисни дејности за храна, дејности на домаќинството како работодавач и градежништво, во делот на подготвителни работи, како и зголемување на јавните приходи по основ на даноци и платени придонеси од задолжителното социјално осигурување – објаснуваат од МТСП.
Од ССМ веќе објавија дека не се согласуваат со дел од правилата кои ќе важат со овој предлог. Огромно разочарување искажа и „Гласен текстилец“, бидејќи според нивното мислење е предвидено е добивање и на плата во плик.
-Откако го укинаа членот од законот кој даваше помала плата на текстилните работници од работниците во другите индустрии, сега сакаат да не вратат назад 10 години со овој дискриминирачки закон. Сивата (нелегална) економија драстично расте, наместо да се изнаоѓа решение за сузбивање и намалување на истата, овде се дава амин на уште поголем процент на сива економија за која алармира и Светска банка. Овде повторно исходот е таков со оваа погрешна политика која повторно се води на штета на работникот – истакнаа од „Гласен текстилец“. Оттаму ги повикаа пратениците од сите политички партиии да не гласаат за ова законско решение.
Фајненс Тинк: во 2017 година, 17,8 отсто од платите биле во плик
Во 2017 година, 17,8 отсто од вработените добиле плата во плик. Со ваквиот начин на исплата газдите избегнувале да ги платат во целост придонесите, а вработените не биле во можност да подигнат кредит од банка, откри истражувањето на Институтот „Фајненс Тинк“.
– Плата во плик е плата исплатена во готовина врз основа на неформален (незаконски) устен договор помеѓу работникот и работодавецот – рекоа од „Фајненс тинк“.
Според нивното истражување, платата во плик била најзастапена кај примателите на минимална плата – 62 отсто. Пред седум години, така биле платени 23,2 отсто од мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка, како и 21,5 отсто од работниците во услужните дејности.