Работната група за разгледување на предлози за прашањето за најниската пензија, на првата средба вчера се согласи дека прво ќе се работи на носење на соодветни социјални мерки за пензионерите со ниски пензии, а потоа ќе се пристапи кон ново законско решение за минимална пензија или измени на постоечкото.
Министерката за труд и социјална политика (МТСП), Јованка Тренчевска изјави дека многу е важно при носењето на предлог мерките и законското решение за пензиско осигурување или негови измени, да се води сметка за стабилноста на пензискиот систем и пензиите да продолжат да се исплаќаат навремено и редовно.
Тренчевска рече дека во фокусот на работата на Работната група ќе бидат пензионерите со ниски пензии, особено оние со минимална пензија.
Притоа, потенцираше дека ќе се користат анализи и информации подготвени од страните вклучени во работната група, за кои ќе се дискутира, како и дека сите пристигнати предлози ќе бидат разгледани.