Светската осигурителна индустрија во оваа и следната година се очекува да има поголем раст од светската економија. Според прогнозите на Минхен Ре, се очекува до 2030 година светското осигурување да достигне волумен од €7,9 трилиони. „Оваа и следната година очекуваме раст на глобалните премии за повеќе од €460 милијарди, што е еднакво на просечен годишен раст од 5,3% (реален, прилагоден со инфлација: 3,7%), додека глобалниот БДП се очекува да порасне 4,9% (3,3% реално).“, наведено е во објавата на Минхен Ре, цитирајќи ги истражувањата на „Иншуранс Маркет Аутлук“ за 2018/19“.

Животното осигурување по слабата 2017 година, ќе се врати на силниот раст на премиите од 5,6% (реално 3,9%), додека неживотното осигурување со моменталното поволно економско опкружување се очекува да има раст од 4,9% (реални 3,3%). „Државите во развој се главните двигатели на растот, но нешто поцврстите степени на раст во развиените земји исто така придонесуваат за позитивниот развој“.

 

Анализите на долгогорочен план предвидуваат дека до 2030 година волуменот на осигурување се очекува да биде речиси двојно повеќе од од волуменот во 2017 година од €4,2 трилиони. „Од дополнителните премии во износ од €3,7 трилиони до 2030 година, само од Кина се очекуваат €1,2 трилиони. Скоро две третини од тоа веројатно ќе произлезе од полисите за животно и здраствено осигурување, додека остатокот ќе дојде од неживотното осигурување“.

Од Минхен Ре сметаат дека „иако иновативните старт-апи може да донесат придонес во развојот, сепак не очекуваат дополнителни приходи на премија во развиените земји. Но, се очекува технологијата да го промени пазарот преку својата улога во дигиталните брокери, како и преку иновативни производи и користење на новите технологии, без тоа да резултира во значителна промена на растот на премијата“.