Според податоците од последната анкета која БанкоМетар.мк ја спроведе со своите читатели, во последниве 30 дена, на едно просечно македонско семејство му требаат над 20.000 денари за да ги покрие „есенските трошоци“ како што се: зимници, почнување на школска година и дел од огревните трошоци.
Тука зборуваме за елементарни трошоци кои настануваат или за одредена заштеда во текот на зимата ( зимниците ) или за најобичен старт на Вашите деца на училиште, трошок кој е најблагодарен, но сепак ете го оптоварува семејниот буџет. И со оглед на цифрите, го оптоварува значајно….
Зошто? Па поради просечната плата, која патем речено е несоодветен показател тука – бидејќи огромен дел од работоспособното население зема многу под оваа плата, која е околу 24.000 денари.
Дури и да земате просечна плата, според статистиката – која by the way е како бикинито: покажува многу, но не покажува се, една Ваша просечна плата секоја есен мора да оди „курбан“ за зимница и припрема за школо.
По мое лично мислење, ова е преголема ставка и огромен трошок за македонскиот семеен буџет. Од една страна, бидејќи овој трошок се прави со благородни цели : образование и идна заштеда во зима, од друга страна е фактот што реално една „просечна“ македонска плата не може да го покрие. За жал, ова е само репер за нивото на мизерија во најсиромашната земја во Европа – нашата татковина.
Во прилог се резултатите од гласањето и кој колку потрошил за „есенските трошоци“:
- 20.000 денари и повеќе – 712 гласови или 70 %
- 10.000 – 20.000 денари – 192 гласови или 19 %
- 5.000 – 10.000 денари – 76 гласови или 6%
- 0 – 5.000 гласови – 63 гласови или 5%