Американските стратегиски резерви на нафта паднаа на 434,1 милион барели, што е најниско ниво од 1984 година, пренесува Ројтерс повикувајќи се на американското министерство за енергетика.

Според нив, резервите на нафта минатата недела паднале за 8,4 милиони барели. Блумберг претходно забележа дека САД ги трошат своите стратегиски резерви на нафта побрзо од очекуваното, обидувајќи се да ја зауздаат цената на глобалниот енергетски пазар.

Ако Вашингтон го продолжи моменталното темпо на продажба, американските национални резерви би можеле да паднат на историски минимум од 358 милиони барели до крајот на октомври.

Пред една година стратегиските резерви, кои се наоѓаат во државите Тексас и Луизијана, содржеле 621 милион барели.

Стратегиските резерви на нафта се изградени и развиени до 714 милиони барели сирова нафта за употреба во итни случаи, според министерството за енергетика на САД.

Настанале во 1970-тите како одговор на нафтените шокови. Во тоа време арапските членки на Организацијата на земји извознички на нафта (ОПЕК) го намалија производството во знак на протест поради американската поддршка на Израел во Октомвриската војна во 1973 година.

Буриња со нафта се складираат под земја и солени пештери, за најдобра заштита за горивото и како најисплатлив начин на складирање.

Пештерите имаат голем капацитет и можат да соберат меѓу шест и 27 милиони барели сирова нафта. Локациите се избрани поради поврзаноста на нафтата со комерцијалната мрежа за транспорт на енергенсот во земјата.

Соединетите Американски Држави ги користат своите резерви за вонредни ситуации кога урагани ќе ја погодат земјата или при други големи нарушувања во синџирот на снабдување. Резервите ги контролира министерството за енергетика, а се пуштаат по налог на претседателот.

Американскиот претседател Џо Бајден по избивањето на војната во Украина ги пушти во промет нафтените резерви за да не се дозволи нагло растење на цените на горивата.