Министерката за финансии Нина Ангеловска не даде конкретен одговор на прашањето на Алсат, по кој основ на ПИОМ му се одобрени речиси 65 милиони евра за до година, иако оттаму побарале само 17,8 милиони евра. Ангеловска избегна да одговори дали со парите ќе се покрива дупката во фондот и со тоа под знак прашалник ќе биде доведена најавената пензиска реформа. Таа тврди дека државата ќе вложува во човечки капитал а социјалните мерки предвидени за наредната година ќе се реализираат.
„Во однос на вашето прашање за ПИОМ, за оваа мерка за субвенционирање на придонесите од платите е системски многу добри скроена. Директно, оние компании кои што ќе ги зголемат платите, средствата ќе се влеат во пензискиот и здравствениот фонд, за сметка на лицето кое што му е зголемена платата. Ова значи дека зборуваме за една одржлива и системска мерка, која не само што ќе помогне на компаниите туку индиректно тоа значи и инвестирање во човечки капитал, бидејќи ќе им помогне на компаниите да ги зголемат платите а со тоа да ги мотивираат работниците и да ги задржат, што денес тоа е многу тешко. “
Освен за состојбите во пензискиот фонт, Ангеловска не сакаше да коментира ниту за предвидените средства за министерството за животна средина каде во драфт верзијата на буџетот до која дојде Алсат јасно се гледа дека оваа институција ќе добие пет милиони евра помалку во однос на тоа што првично го побарале. Ангеловска вели дека тоа се предлози кои подлежат на промена и деталите ќе ги објавеле идната недела. Во документот стои дека министерствата за труд и за финансии имаат највисоки скроени буџети за 2020-та кои достигнуваат и над 800 милиони евра. Инаку, за прв пат во историјата на независна Македонија предлог буџетот не беше усвоен на најавената владина седница посветена на него и беше вратен на доработка во министерството за финансии.
Извор : АлсатМ