Во третиот квартал од 2023 година ќе се објави јавен повик за доставување на барања за користење на финансиски средства од ИПАРД 3 Програмата. Од Платежната агенција сите заинтересирани физички и правни лица ги известуваат да се подготват за аплицирање. Парите се наменети за инвестиции во земјоделски стопанства и во развој на бизниси …
Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството ги известува сите заинтересирани физички и правни лица дека наскоро ќе се објави првиот Јавен повик за доставување на барања за користење на финансиски средства од ИПАРД 3 Програмата.
Парите се наменети за инвестиции во основни средства во земјоделските стопанства и за развој на бизниси во руралните средини.
Според правилата за користење на парите, корисниците претходно треба да склучат договор со Агенцијата и да ја реализираат одобрената инвестиција во согласност со претходно договорените услови.
Јавниот повик ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавувањето во дневниот печат.
Потребната документација за подготовка и поднесување на барањата, заедно со упатствата за корисниците на средствата ќе бидат истакнати и на веб-страницата на Агенцијата во периодот до објавувањето на Јавниот повик.
Информации за подготовка и доставување на барањата и практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат бесплатно во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.