Министерството за животна средина во 2018 година најави категоризација на возилата во зависност од тоа колку загадуваат и субвенции за купување поеколошки возила. Законот за возила донесен во 2019, предвидува од јануари 2021 секое возило при регистрација да добие една од трите еколошки налепници во зелена, жолта или црна боја, во зависност од еколошката категорија и загадувањето што го прават. Освен еколошка такса при регистрација, категоризацијата како што беше најавено, требаше да се користи и за ограничување на движењето на возилата во градските зони во денови со зголемено ниво на аерозагадување.

И додека некои граѓани веќе направија промена на своите возила водени од најавените измени, сепак целата работа е сè уште заглавена и чека Министерството за економија да донесе Правилник за категоризација пред да може да почне да се применува.

Додека ние чекаме правилник, ЕК најави нова Еуро 7 регулатива

Возилата и транспортот имаат значителен удел во загадувањето на градовите и додека во Европа освен што при самата регистрација на возилата се наплаќа еколошка такса во зависност од тоа колку и како загадуваат, се повеќе градови и држави дополнително го уредуваат движењето на возилата во градските средини согласно загадувањето што го прават. Иако законот беше донесен во 2019 година и предвидуваше зелени еколошки налепници за возилата со Еуро 5 стандард, а во ЕУ на сила веќе беше Еуро 6 нормативата, во меѓувреме додека се чека правилникот од Економија за спроведување на категоризацијата во пракса, ЕК веќе најави и нови построги Еуро 7 норми за возилата.

Од Министерство за економија за МИА велат дека воведувањето на еколошка категоризација на возилата треба да почне по објавувањето на Правилникот и дека во моментов се работи на правно-техничко и редакциско подобрување на текстот согласно забелешките на Секретаријатот за законодавство.