Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој информира дека за 15 дена е продолжен рокот за поднесување на барања за користење на средства од ИПАРД 2 Програмата 2014 – 2020, Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи.“
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски вели дека на барање на бизнис заедницата, АФПЗРР донесе одлука да се продолжи рокот за аплицирање за Мерка 3 „Инвестиции во материјални средства за преработка на земјоделски и рибни производи.“
Целта на продолжувањето на рокот, како што рече е стопанствениците да достават комплетни и квалитетни апликации.
„Очекуваме дека со овој дополнителен период ќе им овозможиме на стопанствениците да ги соберат сите потребни документи за да подготват инвестициони проекти кои во сите делови ќе ги задоволат условите кои се пропишани во ИПАРД Прогрмата, со што ќе се овозможи поголема искористеност на средствата. Со оваа мерка овозможуваме унапредување на домашните преработувачки капацитети како и зголемена конкурентност на секторот за преработка на земјоделски производи во Република Македонија,“ изјави Бабовски.