Според анализата на непрофитната организација „Oxfam International“, најбогатиот еден процент од светската популација е одговорен за истата количина на емисии на јаглерод како и најсиромашните две третини од светската популација, или пет милијарди луѓе.
Иако справувањето со климатската криза е заеднички предизвик, не сите се подеднакво одговорни и владините политики треба да се усогласат со ова, изјави Макс Лосон, коавтор на извештајот:
„Колку сте побогати, толку е полесно да ги намалите и личните и инвестициските емисии. Не ви треба третиот автомобил или четвртиот одмор, или не треба да инвестирате во цементната индустрија“, вели Лосон.
Извештајот „Climate Equality: A Planet for the 99%“ се заснова на истражување произведено од Институтот за животна средина во Стокхолм (СЕИ) и ги разгледува емисиите на потрошувачка поврзани со различни групи на приходи до 2019-та година.
Објавен е додека светските лидери се подготвуваат за самитот „COP28“ во Дубаи подоцна овој месец. Се зголемува загриженоста дека ограничувањето на долгорочното затоплување на 1,5 Целзиусови степени над прединдустриските нивоа наскоро може да се покаже невозможно да се постигне.
Меѓу главните наоди на оваа студија се дека најбогатите еден процент во светот – 77 милиони луѓе – се одговорни за 16% од глобалните емисии поврзани со нивната потрошувачка. Ова е исто учество со 66% од населението со најниски приходи, или 5,11 милијарди луѓе.
Прагот на приход за паѓање во еден процент е приспособен по земја со користење на паритет на куповната моќ – на пример, во САД прагот е 140.000 долари, додека во Кенија еквивалентот е околу 40.000 долари.
Оваа слика ја потврдуваат и анализите во поединечни земји. Во Франција, на пример, најбогатите еден процент испуштаат јаглерод за една година колку и најсиромашните 50 проценти за 10 години. Со исклучок на емисиите на јаглерод поврзани со неговите инвестиции, Бернар Арно, милијардерот основач на „Louis Vuitton“ и најбогатиот човек во Франција, има јаглероден отпечаток 1.270 пати поголем од оној на просечниот Французин, наведува АФП, цитирајќи го извештајот.
Главната порака, според Лосон, е дека политичкото дејствување мора да биде прогресивно.
„Сметаме дека ако владите не воведат прогресивна климатска политика каде од најголемите емитери се бара да ги направат најголемите жртви, ние никогаш нема да ги постигнеме нашите цели во оваа област“, рече тој.
Овие мерки може да вклучуваат, на пример, данок на летови повеќе од десет пати годишно или данок на незелени инвестиции што е многу повисок од оној на зелените инвестиции.
Иако сегашниот извештај се фокусира само на емисиите на јаглерод поврзани со индивидуалната потрошувачка, „личната потрошувачка на ултра богатите е засенета од емисиите што произлегуваат од нивните инвестиции во компаниите“, се додава во извештајот.
Последно, но не и најмалку важно, милијардерите имаат двојно поголема веројатност да инвестираат во загадувачките индустрии од просекот на „Standard & Poor 500“, покажа претходното истражување на „Oxfam“.