На денешен ден, пред три години, во Скопје почина истакнатиот општественик, статистичарката Светлана Антоновска (1952-2016).

 

Антоновска е основоположник на современата македонска статистика – прв предводник на процесот на трансформација на македонската статистика и втемелувач на европските стандарди во македонскиот статистички систем, прв директор на македонскиот Завод за статистика по осамостојувањето на нашата држава.

 

Уште во 1986 година, кога за првпат е именувана за директор на македонскиот Завод за статистика, којшто тогаш функционира под раководство на Сојузниот завод за статистика задолжен за координирање на статистичкиот систем на југословенско ниво, Антоновска се истакнува со нејзините заложби за унапредување на статистиката во духот на европските стандарди, при што успева во рамки на дадените можности под сојузно раководство.

 

По осамостојувањето на нашата државаСветлана Антоновска, со целосна одговорност го презема предизвикот за трансформација и осовременување на македонскиот статистички систем и за вклучување на македонската државна статистика во европското и воопшто во меѓународното семејство на статистички институцииНејзиното учество на Конференцијата на европските статистичари во Економската комисија за Европа, одржана во јуни 1993 година е прво официјално претставување на нашата држава во Обединетите нации, по обраќањето на претседателот Киро Глигоров во оваа меѓународна организација во април истата година.  Со учеството на овој настан од историско значење за македонската статистика, Антоновска го има започнато долгиот и тежок пат за вклучување на нашиот Завод за статистика во европското и меѓународното семејство на статистички институции. И успева во тоа. За кратко време македонскиот Завод за статистика воспоставува соработка со повеќе меѓународни и европски статистички институции и организации, меѓу коишто се и Статистичката служба при Европската комисија – Евростат, Статистичката служба на Меѓународниот монетарен фонд, статистичките оддели на ФАО, ИЛО и други.

 

Нејзиниот ангажман е од пресудно значење за обезбедувањето статистички податоци за нашата држава во едни од најтурбулентните времиња на поновата македонска историја. Како резултат на нејзините залагања, уште во првата половина на деведесеттите години на минатиот век, нашите статистички податоции се среќаваат во дел од најрелевантните меѓународни статистички публикации, што во тој период е од исклучителна важност за нашата држава, а во исто време и потврда на квалитетот којшто го постигнува нашата статистика по осамостојувањето.

 

Под нејзино раководство, во 1994 година, македонскиот Завод за статистика го спроведе и првиот меѓународно признат Попис на населението, домаќинствата и становите по прогласување на независноста на нашата држава, спроведен според сите меѓународни норми и стандарди. Под нејзино раководство, обезбедени се бројни, искористени можности за стручно и техничко развивање на македонскиот Завод за статистика, преку реализација на проекти поддржани од бројни меѓународни институции, организации и фондации, како и преку програмата ФАРЕ. Уште во 1996 година, како резултат на нејзините заложби, Европстат го вклучува нашиот Завод за статистика во првата Мултикантри програма за статистика. Потем, веќе на самиот почеток на 2000-те години, според официјалните оцени, Заводот се издвојува како институција којашто во својата работа ги имплементира стандардите за работа на институции на земји членки на ЕУ.

 

Како статистичар, при извршувањето на раководната функција во Заводот за статистика, до средината на 1997 година и во периодот од декември 1998 година до јуни 2001 година, Антоновска е активен пропагатор на унапредувањето на статистичката методологија во нашата земја, како и на имплементирањето на највисоките стандарди, класификациите и номенклатурите кои се применуваат во статистичките истражувања во Европската Унија и во светот. За таа цел, уште во средината на деведесеттите години е подготвен првиот стратешки документ за усвојување на Аquis Communitaire. Според овој документ, стратешка определба биле подготовка и дисеминација на статистички податоци за нашата земја, кои ќе бидат релевантни за пазарната економија и ќе ги поддржат демократските процеси во општеството. Реализацијата на оваа Стратегија се одвиваше под раководство на Светлана Антоновска.

 

Со првата Глобална оцена за нашиот статистички систем, спроведена од Евростат во 2001 година, беа потврдени сите залагања да се усогласат националните со европските стандарди за статистика. Согласно таа оцена, уште во 2001 година, Заводот за статистика предводен од Антоновска имаше капацитет за продукција на релевантни, навремени и точни статистики на ниво на просечна земја членка на Европската Унија, на полето на демографијата, економијата и во сите оние области од социјалната статистика за кои Заводот е одговорен. Во тој период, нашиот Завод за статистика е регионален лидер меѓу националните статистички институции, а според институционалниот капацитет, во повеќе сфери е многу чекори понапред од другите институции во нашата држава. Но сепак, во јуни 2001 година, Светлана Антоновска е разрешена од функцијата во Заводот, по што сѐ до пензионирањето работи во други институции.

 

Таа има објавено голем број научни трудови од областа на статистиката, а како меѓународно признат и потврден експерт беше и член на Меѓународниот институт за статистика (од 1996 година – во тој момент единствен статистичар во Институот од просторите на поранешна Југославија), Конференцијата на европски статистичари, Асоцијацијата на балкански статистичари на која беше и потпретседател итн. Основач е на Здружението на статистичари на Република Македонија.

 

Нејзиното име е синоним и на авангардните младински движења кои во седумдесеттите години на минатиот век беа предводени и од неа, како прв човек на Младината на Скопје и еден од раководителите на југословенската Младина. Нејзиниот севкупен ангажман во Младинската организација е во духот на нејзините бунтовност и непомирливост, проследени од заложбите младиот човек да не биде објект, туку субјект во процесот на креирање на општествено-политичката актуелност. Ваквите заложби успева да ги пренесе до сојузно ниво во рамки на тогашната Младинска организација, постојано настојувајќи младиот човек да не биде следбеник и спроведувач на ставови и насоки добиени од други, туку фактор во креирањето на политиките. Како претседател на скопската Младинска организација го редефинира, модернизира и демократизира организираното младинско дејствување во градот, при што успева да се возобнови и Универзитетската младина, да се овозможат нови форми на активно дејствување на младите во повеќе сфери и области и да се создава нова инфраструктура согласно со потребите на тогаш новите генерации. Впрочем, токму во периодот кога таа е на чело на скопската Младина, и денешниот Младински културен центар, тогашен Дом на младите „25 Мај“ го добива својот авангарден дух. Како член на југословенското Претседателство на Младинската организација е и поборник за реформи во образовниот систем и втемелувач на современите форми на младински истражувачки акции во поранешна Југославија.

 

Во првата половина на осумдесеттите години на минатиот век, во македонскиот и југословенскиот општествено-политички простор се вбројува меѓу поединците коишто се залагаат за промени во општествениот и политичкиот живот, противејќи се на низа негативни појави во тој период.

 

За нејзините заложби во општествено-политичкиот живот и за нејзините достигнувања во науката, добитник е на голем број меѓународни признанија и одликувања, при што во периодот 2000-2001 година беше вброена и меѓу водечките интелектуалци на светско ниво. Во 1986 година е одликувана со Орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. За жал, нејзините постигнувања не се валоризирани со национална награда по осамостојувањето на нашата држава.

 

Во 2017 година беше објавена монографијата „Светлана Антоновска – македонската челична дама“.

 

 

Видео-портрет на Светлана Антоновска