По Кина, Мароко е најголемиот извозник на автомобили во Европската унија. Како што објави EUobserver, во 2023 година, Мароко произведе 700.000 возила, а 536.000 од нив извезе на европскиот пазар. Извозот на мароканската автомобилска индустрија во ЕУ изнесува 15,1 милијарди евра, што претставува зголемување од 30 отсто во споредба со претходната година. Само Кина е понапред, со 782.000 извезени автомобили во Европската унија во 2023 година, пишува Форбс.
Што се однесува до бројот на произведени возила, првото место во Африка го држи Јужноафриканската Република, но и според овој критериум се очекува Мароко да биде на прво место.
AfricaNews во својата претходна статија наведува дека француските фабрики играат значајна улога во Мароко. Меѓу другото, таму се произведуваат Renault Clio, Dacia Sandero и Dacia Jogger. Stellantis во Мароко произведува Peugeots, Opels и Fiats, а кинески, јапонски, американски и корејски производители произведуваат бројни делови. Кинеската BYD веќе подолго време најавува изградба на фабрика, но тоа се уште не се случило.
Добри односи со Европската Унија
Аналитичарите очекуваат извозот на автомобили од Мароко да продолжи да расте, со зголемување на процентот на електрични возила. Главни извозни пазари се Шпанија, Франција, Германија и Италија.
Мароканскиот министер за индустрија и трговија, Рајад Мезур, планира 60 отсто од возилата што се произведуваат годишно да бидат електрични до 2030 година. Најголем дел ќе се извезува во Европа.
Мароко стана клучен сојузник на Европската унија во контролата на миграцијата и борбата против тероризмот и е главен трговски партнер на ЕУ во африканскиот регион Магреб. Како дел од трговскиот договор со Брисел, има повластен пристап до пазарот на ЕУ.
За време на минатонеделната посета на францускиот претседател Емануел Макрон на Мароко, беа потпишани повеќе од 20 договори за инвестирање. Ова го вклучува партнерството за обновлива енергија од 3,5 милијарди евра меѓу француската Engie и Office Chérifien des Phosphates.
Макрон го потврди и новиот став на Франција дека Западна Сахара, спорна територија меѓу Мароко и Мавританија, треба да биде под мароканска контрола. И Шпанија го призна правото на Мароко на Западна Сахара.