Извршниот директор на Групацијата ХСБЦ, Ноел Квин, неочекувано се повлекува од функцијата по речиси пет години на чело на најголемата европска банка.

Банката соопшти дека е во процес на изнаоѓање наследник за Квин (63), кој ќе остане на оваа улога додека не биде именуван нов извршен директор. HSBC размислува за кандидати и внатре и надвор од компанијата, пишува BBC.

„По интензивни пет години, сега е вистинското време да направам подобар баланс помеѓу мојот личен и професионалниот живот“, рече Квин.

Оставката доаѓа по веста дека заемодавачот со седиште во Велика Британија забележа пад на профитот за 1,8 отсто во првите три месеци од 2024 година, во споредба со истиот период минатата година.

Компанијата соопшти дека нејзината добивка пред оданочување за периодот изнесувала 12,7 милијарди долари, малку подобра од очекувањата на пазарните аналитичари.

HBSC: Фокус на Азија

Квин, кој работеше во HSBC 37 години, првпат беше назначен за главен извршен директор на привремена основа во 2019 година, откако неговиот претходник Џон Флинт беше сменет.

„Тој, исто така, ја водеше нашата стратегија за трансформација и создаде поедноставен, пофокусиран бизнис кој обезбедува повисоки приноси“, рече претседателот на HSBC, Марк Такер.

HSBC неодамна ја заврши продажбата на својот канадски бизнис и најави дека планира да го стори истото со својот бизнис во Аргентина.

Продажбата е дел од напорите на банката со седиште во Лондон да се фокусира повеќе на пазарите во Азија со побрз раст.

Извор: бонитет

 

Фото: Хсбц /биографија