Кинеските државни нафтени компании одбиваат да купат руска нафта во март поради новите американски санкции, пишува Ројтерс. Најголемата од нив, „Синопек“, целосно ги прекина испораките, како и „Женхуа оил“. „ПетроКина“ продолжи да купува за испорака во март, но го намали обемот, велат информирани извори од индустријата.
Извор на „Синопек“ изјави дека компанијата престанала да купува руска нафта бидејќи спроведува дополнителни проверки на санкции и чека „јасна слика“ за идниот руско-американски договор за ставање крај на војната во Украина. Компанијата соопшти дека ќе продолжи со испораките доколку разговорите доведат до олеснување или укинување на американските санкции за руската нафта, додаде изворот кој сакаше да остане анонимен.
Кинеските компании избегнуваат да купуваат нафта од добавувачи погодени со нови санкции. „Тие сега прават пауза, размислувајќи дали има начини да се заобиколат овие ограничувања“, рече трговски претставник близок до руски добавувач кој редовно се занимава со кинески државни купувачи.
„ПетроКина“, традиционален купувач на нафта од најголемиот руски производител „Роснефт“, продолжи да испорачува пратки преку море во март, но во помали количини, велат два извори.