Англиската компанија „Де Ла Руе“, која печати пари за 140 земји во светот, соопшти дека е на работ на колапс. Раководството на компанијата потврди дека активирало план за санација на работењето, кој не ги дава очекуваните резултати. Во соопштението се вели и дека на компанијата ѝ се заканува банкрот.

Компанијата, со речиси 2.500 вработени, печати пари за 140 централни банки од целиот свет вклучувајќи ја и Британската централна банка (БоЕ).
Во последните шест месеци компанијата имала загуба од 9,2 милиони фунти (10,7 милиони евра), а долгот на компанијата во втората половина од годината се зголеми на 170,7 милиони фунти (199 милиони евра).

По соопштението, акциите на „Де Ла Руе“ на берзите изгубиле 20,6 проценти од вредноста. „Де Ла Руе“ почнала да печати банкноти уште во 1860 година кога тоа го правела само за Мавританија, а една третина од парите што моментно се во оптек во светот излегуваат од печатачите на англиската компанија. Фирмата печати и пасоши за 40 држави.

Во компанијата се надеваа дека работата може да се стабилизира со печатењето на новите британски пасоши кога земјата ќе ја напушти Европската Унија, но тендерот го доби конкурентската куќа „Гемалто“.

Кризата во компанијата ескалира кога Венецуела не го плати долгот од 18 милиони фунти (21 милион евра).