Најголемите економии на Европската унија (ЕУ) трошат 42 милијарди евра годишно за субвенционирање на службени автомобили на фосилни горива, според новото истражување нарачано од еколошката групација „Transport & Environment“ (T&E), која бара повеќе субвенции за електричните автомобили.
Службените автомобили сочинуваат околу 60% од продажбата на нови автомобили во Европа, пишува „Reuters“.
Италија обезбедува 16 милијарди евра субвенции за службени автомобили на фосилни горива, а потоа следи Германија, која обезбедува 13,7 милијарди евра, според студијата на консултантската компанија „Environmental Resources Management“ (ERM).
Франција и Полска обезбедуваат 6,4 милијарди евра и 6,1 милијарди евра годишно, соодветно.
Компаниите нудат службени автомобили како придобивка за некои вработени, често со значителни дополнителни владини бонуси, вклучително даночни надоместоци за корисници и бенефиции за потрошувачката на гориво.
Околу 15 милијарди евра одат за субвенционирање на теренци, покажа студијата. Возачите на службените автомобили добиваат просечен годишен даночен попуст од 6.800 евра, што се движи до 21.600 евра за поголемите модели кои тешко загадуваат.
„Ова е целосно нелогично и целосно неприфатливо со оглед на фактот дека сè уште истураме милијарди евра на даночните обврзници во технологија која е целосно во спротивност со агендата за зелена транзиција на Европската комисија“, изјави Стеф Корнелис од „T&E“.
Студијата е објавена во позадина на падот на продажбата на електрични автомобили во Европа. Падот ги одразува сè уште високите цени на автомобилите со овој погон во споредба со конвенционалните модели, при што недостатокот на стимулации само го засилува трендот.
Продажбата на целосно електрични автомобили падна за 43,9% во ЕУ во август, бидејќи нејзините најголеми пазари – Германија и Франција – забележаа пад од 68,8% и 33,1%, соодветно, покажаа податоците од Европската автомобилска асоцијација (ACEA).
Студијата на „ERM“ покажа дека финансиските стимулации за префрлување на електрични автомобили за возачите на службени возила се достапни само во поранешната членка на ЕУ, Британија.
Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен му кажа на новата еврокомесарка за клима Вопке Хоекстра во писмото од 17-ти септември дека еден од нејзините приоритети ќе биде да предложи како постепено да се укинат субвенциите за фосилните горива.