Месец и пол од почетокот на војната во Украина, економските шокови стануваат се посилни во целиот свет. Инфлацијата во многу, дури и во најразвиените економии, ги урива сите можни рекорди, каматите растат, многумина не се во можност да купат ни основни прехранбени производи, струјата и гасот стануваат се поскапи …

Уште подлабока криза неспорно ќе доведе до повисока инфлација и нагло опаѓање на животниот стандард, тврдат економистите.

Санкциите на двете страни во голема мера се на сила, а се најавуваат и нови. Сите 27 членки на Европската унија одобрија нови ударни пакети, кои вклучуваат ембарго за увоз на руски јаглен, дрва и вотка. Санкциите вклучуваат и замрзнување на средствата на неколку руски банки, а најавата е дека може да следи целосна забрана за увоз на сите фосилни горива од Русија.

Се проценува дека Русија оди кон најголемата рецесија од распадот на Советскиот Сојуз – само во претходните недели беа замрзнати повеќе од 358 милијарди долари руски пари и 30 милијарди евра имот. Американскиот претседател Џо Бајден рече дека економските санкции „веројатно ќе ги избришат последните 15 години руски напредок“. Американскиот министер за финансии Џенет Јелен додаде дека целосната забрана за извоз на руска нафта ќе доведе до „огромно зголемување“ на цените на светскиот пазар.

Во исто време, зголемувањето на цените и недостигот се повеќе го погодуваат животниот стандард ширум Европа. Инфлацијата достигна 8,8 отсто во Белгија и Чешка, 8,7 отсто во Полска, 11 отсто во Естонија, 14 отсто во Литванија… Во Турција е над 60 отсто.

Во превод, лебот во Хрватска од синоќа е три евра, во Милано веќе извесно време се плаќа повеќе од пет, брашно и масло одамна тешко се наоѓаат на полиците во Австрија, Германија и соседните земји. Цените на бензинот во Хрватска поскапе за 14%, струјата за речиси 10%… Грчките работници започнаа штрајк ширум земјата поради, како што велат, продлабочувањето на кризата, поскапувањето, намалените приходи, нарушувањето на траектниот сообраќај…

Моментално ја гледаме војната меѓу Западот и Истокот, а најголеми жртви ќе бидат Украина, Русија и ЕУ.

Многу земји веќе сериозно размислуваат да ги ревидираат своите економски политики.

Дојче банк излезе со проценки за Германија и предвидуваат рецесија за цела следната година. Тие предвидуваат буквално пекол за цела година.

Русија ќе претрпи големи штети и ќе биде економски вратена најмалку една деценија. Од друга страна, трошоците во ЕУ драстично ќе се зголемат, особено енергенсите. И еврото ќе биде силно погодено.