Увозот на риба и морска храна во нашата држава доаѓа најмногу од Грција, Шпанија и Аргентина, но не и од Јапонија, велат од Царината за „Слободен печат“. Ако има сомнеж, гајгерите на граничните премини „пиштат“ како предупредување
Македонските потрошувачи ниту јадат ниту се идно загрозени од јапонската риба и други морски плодови, бидејќи на домашниот пазар нема увоз на овие производи од „земјата на изгрејсонцето“. По информациите дека почна испуштањето на пречистената вода од нуклеарната централа Фукушима, што предизвика протести во Јапонија и во соседните земји, особено во Кина, која одлучи да го забрани увозот на риба и морски плодови од Јапонија, „Слободен печат“ истражуваше од каде доаѓа овој вид храна во домашните рибарници? Одговорот на Царинската управа на Македонија е кус и дециден – од Јапонија нема увоз на риба и морски плодови во нашата држава.
– Увозот на производите за кои се интересирате во нашата држава доаѓа најмногу од Грција, Шпанија и Аргентина, но не и од Јапонија – велат од Царината.
Поради интензивните стравови за можно радиоактивно загадување, на сите видови храна, вклучително и на рибата, „Слободен печат“ побара одговор и дали цариниците имаат обврска да испитуваат радиоактивност при увоз?
– На граничните премини уште пред стоката да влезе на царински терминал односно на територијата на државата има поставено безбедносни радијациски панел детектори што алармираат во случај на зголемено ниво на радијација. Во тој случај возилото се паркира на безбедна далечина од луѓето и за тоа се известува Дирекција за радијациска сигурност која соодветно ќе реагира – ни објаснија од Царината.
Според податоците на светскиот сајт Трејд економи, вредноста на увозот на рибни филети и друго месо од риба, свежо, разладено или замрзнато, лани изнесувал вкупно 2 милиони американски долари. Овој сајт нуди прецизна забелешка дека во 2022 година, продажбата на морската храна пораснала за 55 отсто во споредба со 2021 година, кога за нејзиниот увоз биле потрошени дури 716 илјади долари повеќе. Како и да е Македонците се повеќе месари, отколку рибари, па така увозот на морска храна изнесува само 0,015 отсто од вкупниот увозен проток.
– Најмногу риба и морска храна во Македонија лани стигнале од Аргентина (44 отсто во износ 884 илјади УСД), потоа следуваат Полска со учество од 17,7 отсто (356 илјади УСД), Чиле со учество од 7,66 отсто (154 илјади УСД), Шпанија со учество од 7 отсто (140 илјади УСД), Виетнам со учество од 5,26 отсто (105 илјади УСД). Помали количества рибни производи сме увезле и од Турција, Кина, Норвешка, Србија, па дури и од Намибија (1,66 отсто) – покажува Трејд економи.
И додека во некои култури рибата е на менито секој ден, во Македонија сè уште постои непишано правило дека таа се јаде за Свети Никола, Божиќ и Велипеток. Свети Никола, една од најголемите, ако не и најголемата, слава меѓу православните, секогаш паѓа за време на Великиот пост. Затоа и не е чудно што оние што слават, нарачуваат риба две-три недели однапред. Годинава граѓаните се пожалија дека цената на свежата риба е поскапена за 50 отсто во однос на лани.
Цената е најпресудна, па затоа, македонските граѓани лани изеле 15,2 килограми замрзнат ослич, 2,1 килограми свежа пастрмка, 17, килограми туна. Се купувале и 600 грама свеж крап, 100 грама црвеноперка, како и 300 грама разна морска храна, покажуваат податоците на ДЗС.
Јапонија тврди дека нема зголемена радиоактивност
Тестирањето на морската вода во близина на нуклеарната централа Фукушима не откри зголемена радиоактивност, соопшти Министерството за животна средина на Јапонија, откако властите на земјата одобрија испуштање во морето на пречистена радиоактивна вода што се користела за ладење на реакторот во Фукушима.
Испуштањето на пречистената вода од нуклеарната централа Фукушима започна во четвртокот, што предизвика протести во Јапонија и во соседните земји, особено во Кина, која одлучи да го забрани увозот на риба и морски плодови од Јапонија.