Во текот на 2021 година странците кон домашни е-трговци реализирале вкупно 471.688 онлајн трансакции со вкупна вредност од 16,4 милиони евра, покажува анализата на податоци од Народната Банка на Република Северна Македонија, кои се однесуваат на број и вредност на реализирани е-трансакции со странски платежни картички кон домашни е-трговци изработена од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ.
Како што стои во соопштението од АЕТМ, ова претставува раст од од 58,4 отсто во бројот и 50,5 проценти во вредноста на трансакциите во однос на 2020 година кога имало 297.742 онлајн трансакции со вкупна вредност од 10,9 милиони евра.
Од вкупниот износ во вредност од 16,4 милиони евра кои странците во текот на 2021 година го потрошиле онлајн за купување во Северна Македонија, повеќе од половината, односно 53 отсто од вредноста на трансакциите се реализирале од страна на ТОП 10 земјите со најголема потрошена вредност онлајн во земјава. Од ТОП 10 земјите по вредност на онлајн трансакции кои платиле со странски платежни картички во државава, соседни земји со најголем промет се Бугарија со потрошени 534 илјади евра и Косово со потрошени 302 илјади евра.