Пред почетокот на туристичката сезона Охрид и Струга се соочуваат со недостиг на работници. Бројката не е мала и таа изнесува до 1000 работници, а причините се финансиите, односно повеќе им се исплати да работат во Хрватска или Малта.

Според Крсте Блажески од ХОТАМ, во овој дел на Македонија се потребни од 500 до 1.000 работници, и тоа најчесто келнери и готвачи.

Блажески вели дека немањето кадар се одразува на целокупната слика за нашиот туризам. Објаснува дека две години додека траеше пандемијата, работодавачите настојуваа да ги задржат работниците, да им исплаќаат плати и придонеси, а сега тие се одлеваат на странските пазари на труд.

„Има огласи постојано, ама не се јавуваат луѓе за работа, иако во летните месеци можат да заработат по 25.000, или над 30.000 денари. Ако нашите работници се „извезуваат“ во други држави, треба да се овозможи и ние да „увезуваме“ работници или да има ослободување од придонеси за младите до 25 години, и на тој начин тие би добивале повисока плата. Друг начин е, вон сезона државата да ги преземе работниците, и со тоа би ги задржале, а тоа би се вратило назад преку повеќе туристички посети и приходи во туризмот“, вели Блажески за Фактор.