Успешно заврши Дванаесеттата конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, организирана од Народната банка на Република Северна Македонија во соработка со Банката на Холандија. Изминативе три дена претставници од четиринаесет централни банки, истакнати странски експерти и претставници од домашниот финансиски сектор, во Охрид дискутираа за најновите светски трендови во областа на плаќањата и предизвиците за нивната примена, во контекст на процесите на менување на платежниот пејзаж во Европската Унија, коишто веќе започнуваат и кај нас.На одделна панел-дискусија се говореше и за светот на отвореното банкарство и за финтек-иновациите во плаќањата. Особен придонес во дискусиите на Конференцијата имаа претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централни банки од евросистемот и Банката за меѓународни порамнувања.
„Платежниот пазар е основа за создавање поинтегрирана, конкурентна и иновативна економија. Со сѐ поголемата дигитализација и потенцијалот што го нуди новата технологија, платежната индустрија сѐ повеќе добива на значење. Постојните и новите пазарни играчи сѐ повеќе ги исползуваат можностите за создавање иновативни решенија во плаќањата.“ – истакна меѓу другото вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска во своето обраќање во рамки на завршницата на конференциската програма.
Притоа, таа ги изнесе и заклучните согледувања од Конференцијата, осврнувајќи се и на големиот број експертски гледишта за повеќе клучни прашања поврзани со промените и предизвиците, коишто беа презентирани деновиве. За некои од овие прашања, дел од учесниците денес разменуваа мислења и полемизираа и во одделни работни групи.
Со Директивата за платежни услуги 2 и други сегменти од законодавството на Европската Унија, посочи Нацевска, пазарот за плаќања на мало во Европа ги има сите потребни елементи да обезбеди иновативни сѐевропски платежни услуги. Нашата земја интензивно се подготвува да ги прифати промените и да одговори на предизвиците во платежната сфера, за што показател е и ова конференциско издание во Охрид.
„Во оваа смисла, на овој настан гледаме како и на олеснувач за натамошниот дијалог со домашните даватели на платежни услуги и операторите на платните системи, со цел да се поттикнат конкуренцијата и иновациите, како и да се зголеми заштитата на потрошувачите во областа на плаќањата.“ – кажа Нацевска, потсетувајќи дека неодамна до засегнатите страни е доставен новиот Нацрт-закон за платежните услуги и платните системи, во кој се транспонирани најважните делови од европското законодавство во оваа област. Таа посочи и дека освен преку регулаторната улога за менување на платежниот пејзаж, Народната банка со активно учество во овој дијалог ќе биде и катализатор за обезбедување сигурен и ефикасен развој на пазарот на плаќања.
Изнесувајќи ги заклучоците од Конференцијата, вицегувернерката се осврна и на предизвиците за централните банки да обезбедат не само ефикасност туку и безбедност во спроведувањето на иновациите во сферата на плаќањата, како и соодветна едуцираност на популацијата за новите платежни услуги, за што деновиве во Охрид беа споделени повеќе експертски согледувања, при што беше нагласено дека и нашата централна банка веќе презема чекори во таа насока.
Во завршницата на настанот учесниците од земјава едногласно го споделија впечатокот дека оваа конференција овозможува подобар увид и следење на најновите трендови во областа на плаќањата на експертско ниво и дека нејзиното одржување носи големи придобивки за платежната индустрија во нашата економија.
Меѓународни експерти истакнаа дека земјава е на добар пат во применувањето на европското законодавство за платежни услуги.
Народната банка продолжува активно да ги следи новитетите и трендовите во оваа област и да работи на поттикнување на активностите за подобрување на платежните услуги кај нас.