Инспекторите од Управата за јавни приходи во текот на изминатиот викенд извршиле повеќе контроли во туристичко – угостителските објекти во Охрид, Струга и Дојран. Според информациите од УЈП контролите биле спроведени по Законот за регистрирање на готовински плаќања во вкупно 108 објекти. Кај речиси половина, инспекторите утврдиле неправилности во работењето.
Туристичките места кои овој период се преполни со туристи, а со тоа и угостителските објекти имаат значително повеќе работа. Тоа беше доволна причина овој викенд тие да бидат посетени и од страна на инспекторите на УЈП. Кај 49 даночни обврзници се утврдени неправилности по овие основи:
„Прекршок согласно член 21-б од Законот за регистрирање на готовинските плаќања за неиздавање фискални сметки за извршениот промет на добра (член 2). Прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не закупи и не регистрира резервна фискална апаратура (член 13). Прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не води книга за дневни финансиски извештаи (член 11 став 4). Прекршок согласно член 21-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не води итна сметковотствена книга за извршениот промет на добра, односно на услуга (член 12 став 2). Прекршок согласно член 21 од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку на видно место не поставил соопштение со кое го информира купувачот на добро, односно корисникот на услуга за неговата обврска да бара фискална сметка (член 7). Прекршок согласно член 21-а од Законот за регистрирање на готовинските плаќања доколку не ги чува и одржува во исправна состојба фискалните апарати (член 14 став 1). За констатираните прекршоци согласно ЗРГП, од страна на Управата за јавни приходи изречени се глоби за даночните обврзници и одговорните лица на истите“, велат од УЈП.
Од управата напоменуваат дека согласно Законот за регистрирање на готовински плаќања, даночните обврзници кои вршат промет на добра и промет на услуги за кои плаќањето не се извршува по банкарски пат, односно плаќањата ги вршат во готово, должни се да да воведат и користат одобрен фискален систем на опрема за регистрирање на готовински плаќања и задолжително да издаваат фискална сметка за извршениот промет односно услугата.
„Граѓаните кои се соочуваат со не издавање на фискална сметка или им се издава сметка која не ги содржи елементите на фискалната сметка ги повикуваме да пријавуваат на бесплатните телефонски линии на УЈП 198, или да поднесат претставка писмено во канцелариите на УЈП или на e – маил на [email protected] како и преку апликацијата МојДДВ.
Управата за јавни приходи редовно врши контроли над спроведувањето на одредбите од Законот за регистрирање на готовински плаќања. Основ за постапување е самиот закон, а контроли се вршат и по пристигнати пријави на линијата 198, пријави во писмена форма на инфо линијата, контроли координирано со други институции како и контроли согласно годишниот план на Управата за јавни приходи“, информираат од УЈП.
Инаку, за што поефикасно сузбивање на сивата економија минатата влада започна проект Мој ДДВ преку кој граѓаните го скенираат кодот на фискалната сметка која ја добиваат по пазарувањето и на тој начин добиваат поврат на средства од Данок на додадена вредност. Првично, граѓаните секој квартал можеа да добиваат по 1800 денари, а од 2023 година сумата се зголеми на 2100 денари. Оваа мерка ја продолжува и новата влада, а првата нивна исплата ќе биде веднаш по усвојувањето на ребалансот на буџетот.