Карикатура на Ласко Џуровски објавена во „Стопански весник“ во 1985 година
Државата мора проактивно да учествува во инструментариумот на едно севкупно стопанско реструктурирање. Тоа мора веднаш и приоритетно да се направи, затоа што секое натамошно одложување носи катастрофални штети на стопанството, и на здравото и на заболеното ткиво, а многу од механизмите се познати, дури бизнис-секторот одамна ги предлага.
Повод: Државниот завод за статистика (ДСЗ) со показатели за пад на индустриското производство
Со пад на индустриското производство и недостиг од работен кадар повторно се соочува индустрискиот сектор. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека неколку месеци по ред индустриското производство опаѓа, а кумулативно бележи минимален раст или стагнира. За август тие покажуваат пад на производството од 5,1 отсто, а кумулативно за јануари-август минимален раст од 0,3 отсто. Рударството бележи опаѓање од 8,5 отсто, преработувачката индустрија од 5,5 отсто, а енергетиката од 5,7 отсто. Пад на производството е забележан и кај извозните компании, што, пак, може да се одрази и на крајните резултати на трговската размена. Индустрискиот сектор е важен темел на економијата и е тесно поврзан со најбитните економски теми, како што се економски раст и БДП, инвестиции, извоз, вработување, продуктивност…, а сето тоа е во перманентен надолен тренд и со висок степен на опасност од сериозна иреверзибилна деиндустријализација.
Кои економски мерки и сценарија треба да се преземат за да се справиме со оваа реалност?
Информацијата во однос на остварувањето на македонската индустрија, според познавачите, секако е резултат на намалената активност на бизнис-секторот. Но што ја предизвикува ваквата хронична појава?
Стопанството е претпазливо поради опасноста од нов шок, кој е можен поради енергетската криза што лани го зафати светот. Значи, енергијата, цената и недостигот од истата таа на влезната страна е еден од тежишните причинители, велат кратко економските експерти. Следствено, има и резервираност од страна на бизнис-секторот за нови инвестиции во година што е полна со ризици и предизвици. Ваквите тенденции веќе на хартија дадоа потврда со тоа што економскиот раст во првата половина од годинава е зголемен за само 1,1 отсто.
Скапи пари и недостиг од работна сила
Според претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци, Ангел Димитров, падот на индустријата се бележи поради два фактора, првиот е борбата со инфлацијата, а вториот е недостигот од работна сила.
– Недостигот од работна сила, намалените нарачки од странските партнери и високите камати на кредитите се главните причини за намаленото производство во овој, но и во другите сектори. Покачувањето на каматните стапки сигурно дека влијаеше негативно на одлуките за инвестиции и зголемување на производството и услугите. Ако на ова се додадат сложената политичка состојба во земјата и рецесијата во ЕУ, тогаш станува многу јасно дека во вакви услови ретко кој од претприемачите се одлучува за земање кредити и нови задолжувања за да се прошири бизнисот – објаснува Димитров.
Тој додава дека недостигот од свежа работна сила е и ќе биде проблем што ќе го имаме уште многу години. Нискиот наталитет и стареењето на нацијата, комбинирано со заминувањето на младите надвор од државата, директно влијаат на падот на работоспособното население и ова е пречка за зголемување на производството.
– Во вакви услови кога нема млади работници за вработување во индустријата, компаниите земаат работници од други компании. Така, новоизградените капацитети во ТИРЗ земаат работници од нашите компании, се пријавуваат како невработени еден ден во АВРМ и потоа ги пријавуваат кај нив. На тој начин тие ги задоволуваат критериумите за добивање државни конвенции, а очигледно е дека тоа е фиктивно. Прашање е дали на државата ѝ се исплаќа да дава субвенции на компании во ТИРЗ кога тие не вработуваат невработени лица, туку лица што се вработени и плаќаат даноци и придонеси. На крајот на краиштата, овие компании ги изнесуваат дивидендите надвор од државата, а нашите компании ги трошат овде – укажува Димитров.
Во секој случај, споменува тој, проблемот со недостиг од работници треба да го решаваме онака како што го решаваат Германија, Хрватска, Србија и други повеќе или помалку развиени држави, со увоз на работници.
– Јас не сум сигурен дека на тој начин целосно ќе го решиме проблемот со недостиг од работници, но мораме да се обидеме да го олесниме процесот на увоз на работници однадвор – истакнува Димитров.
Длабоки реформи во економските политики
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, сега е исклучително и неопходно битно да се операционализира на еден концепт за преструктурирање, особено во вакви услови.
Како теорија ова е многу важен сегмент, но мора да сме свесни дека можеби не сите компании имаат можности за преструктурирање и адаптирање. Поради ова спасот мора да се бара и во штедење и во оптимизација на производството за излез од оваа ситуација, а преструктурирањето и реформите беспотребно се одолжуваат. Државата мора проактивно да учествува во инструментариумот на реструктурирањето. Тоа мора веднаш и приоритетно да се направи, затоа што секое натамошно одложување носи катастрофални штети на стопанството, и на здравото и на заболеното ткиво, а многу од механизмите се познати, дури бизнис-секторот одамна ги предлага.
– Нашето општество треба да подготвува економски сценарија и мерки според „новата“ стварност и да вложува во безбедни работни места базирани на дигитализација и „модерна продуктивност“ и, секако, вложување во интернационализација на македонското производство. Да напоменам дека вакви промени се прават од систем на мерки за иновативност и план прифатен од сите за насока во индустријата – појаснува Бошков.
Компаниите, вели тој, мора да размислуваат и да бараат нови начини на продажба, особено ако имаат резерви. Сега сите одиме кон дигитализација на работењето, кон промена и адаптации, па компаниите мора да најдат начин да ги користат придобивките од интернет-продажбите и интернет-комуникацијата.
– Иако, мора да бидеме реални, сѐ зависи од куповната моќ. Мора да се наоѓаат механизми и начини сѐ што може да се продаде да биде лесно достапно и видливо. Има компании што работат со производство, но никогаш не правеле терцијално развивање на бизнисот, односно секој производ да стигне до крајниот потрошувач – вели Бошков.