ЕИБ Глобал и става на располагање 100 милиони евра на Банката за развој на Северна Македонија за поттикнување на развојот и зелената транзиција на малите и средните претпријатија (МСП).
Средствата, како што информираат од ЕИБ, ќе бидат наменети за решавање на потребите за ликвидност и инвестиции, со посебен фокус на зелените проекти.
– Средствата ќе ги решат потребите за ликвидност и инвестиции на локалните бизниси и ќе финансираат проекти за енергија и зелена транзиција. На овој начин, новото финансирање ќе го поддржи климатски отпорниот раст со ниска емисија на јаглерод во Северна Македонија, во согласност со Економскиот и инвестицискиот план и Зелената агенда за Западен Балкан на Европската Унија, велат од ЕИБ.
Според заменик-претседателката на ЕИБ, Лилјана Павлова, одговорна за операциите во Северна Македонија, подобрениот пристап до финансии за МСП и стабилноста на банкарскиот сектор се приоритети за економскиот раст, отворањето работни места и конкурентноста и оттука оваа кредитна линија ги поддржува и климатските цели на земјата и растот на МСП.
– Средствата се дел од групата мерки усвоени од Владата на Северна Македонија во 2022 година за поддршка на домаќинствата и бизнисите во услови на економско забавување и енергетската криза. Во следните месеци ќе биде потпишана дополнителна техничка помош за поддршка на РБСМ, локалните комерцијални банки и македонските компании во нивните зелени финансиски амбиции, се наведува во денешното соопштението од ЕИБ.
Од 2019 година, ЕИБ Глобално обезбеди 212 милиони евра за малите бизниси во земјава, придонесувајќи за задржување на повеќе од 46.000 работни места и создавање 1.815 нови позиции.