Сите кои имаат рибници и во период од 1 јули до 30 септември насадиле подмалдок, односно, порибителен материјал од сопствено или признаено производство, од денеска ќе може да аплицираат за поврат на 40 отсто од вредноста на набавениот или на сопствениот подмладок, информира денеска директорот на Агенцијата за финансика поддршка во земјоделството и руралниот развој Николче Бабовски.
Според него, средствата за оваа мерка се обезбедени преку Програмата за рибарство и аквакултура, а краен рок за доставување на барањата за исплата на средства е 25 октомври 2019 година. Поддршката се доделува по принципот прв дојден прв услужен.
Бабовски во соопштение за медиумите посочува дека право на користење на оваа финансиска поддршка имаат сите субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и да немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година од видот риба за која поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал за сопствено насадување на рибникот. За набавен подмладок, пак, субјекти кои се регистрирани за дејност аквакултура и се запишани во регистарот на одгледувачи на риби што се води во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и имаат купено подмладок од субјекти кои поседуваат дозвола за производство на порибителен материјал од рибник наменет за промет и кои немаат увезено порибителен материјал и жива риба во периодот декември 2018 – декември 2019 година.
Средствата се наменети за набавка на порибителен материјал за насадување на рибниците во период од 1 јули до 30 септември 2019 година, а се исплаќаат скалетсто и тоа: за купен или сопствен подмладок до 2.500 килограми – 100 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 2500 до 5000 килограми – 75 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок од 5000 до 7500 килограми – 50 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот; за купен или сопствен подмладок над 7500 килограми – 25 отсто од вредноста на утврдената цена на подмладокот.
Пополнетите барања за исплата на средства од Програмата за финансиска поддршка во рибарстовото и аквакултурата за 2019 година заедно со целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик кој на предната страна во горниот лев агол стои ознаката „НЕ ОТВОРАЈ“, за Јавен повик број 03/2019 и назначување на шифрата на потточката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта или лично во писарницата на Агенцијата. Обрасците „Барање за исплата” со листата на потребни документи и Упатството за корисници може да се подигне на веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk.