Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги удвои царините на сите кинески увозни стоки на 20 отсто, додека Кина брзо возврати со воведување царини од 10 и 15 отсто за одредени земјоделски и сточарски производи од САД, од неделава. Тековната состојба потсетува на трговската војна помеѓу САД и Кина во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп, но Вашингтон и Пекинг денес се соочуваат со значително поинакви услови отколку пред седум години, бидејќи двете најголеми светски економии оттогаш постепено ја намалија меѓусебната економска зависност, а со тоа и влијанието на тарифите.
Трговскиот „спор“ помеѓу САД и Кина во фокусот на светската јавност
Борбата помеѓу два тигра се спомнува во повеќе кинески поговорки за да окарактеризира судир помеѓу два силни ривала, па може да послужи и за да го опише тековниот трговски спор помеѓу двете водечки светски економии, САД и Кина, кој зема замав со меѓусебното воведување дополнителни царини од двете страни.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела ги удвои тарифите на сите кинески увозни стоки на 20 отсто. Новата мерка се надоврзува на претходните давачки наметнати од Трамп и од поранешниот американски претседател Џо Бајден за кинески производи вредни повеќе од 400 милијарди долари. А Кина брзо возврати на одлуката на Трамп со воведување царини од 10 и 15 отсто за одредени земјоделски и сточарски производи од САД, од неделава. Со воведените кинески мерки, пилешкото месо, пченицата, пченката и памукот од САД сега ќе подлежат на повисока царина од 15 отсто, додека за сојата, свинското и говедско месо, овошјето, зеленчукот и млечните производи ќе важи стапката од 10 отсто.
Одредена верзија од спомнатата кинеска поговорка вели дека еден тигар мора да падне во судирот, а поуката од друга верзија гласи оти соперниците треба да се одлучат за мирно коегзистирање и соработка, откако ќе увидат дека конфликтот нанесува заемна штета. Засега сите опции се отворени, додека вниманието на светската јавност е насочено кон спорот што создава загриженост дека може да прерасне во трговска војна што би имала значителни глобални економски последици.
Кина е насочена кон мир и соработка, но подготвена и за борба
Официјален Пекинг остава простор за меѓусебна соработка и постигнување решение со САД, додека истовремено јасно наведува дека не може да биде потиснат и ограничен од Американците преку наметнатите царини, што се забележува во пораките од кинеските власти во текот на изминатата недела.
– Заемното почитување е основна норма со која се уредуваат односите меѓу државите. Тоа е исто така важен предуслов за кинеско-американските односи. Ниту една земја не треба да фантазира дека може да ја потисне Кина и истовремено да одржува добри односи со Кина. Ваквите дволични чинови не се добри ниту за стабилноста на билатералните односи ниту за градење меѓусебна доверба. САД не треба да возвраќаат на доброто со зло или да наметнуваат произволни царини. Ниту една одговорна голема земја не треба да го прави тоа – категоричен беше кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји на прес-конференција одржана во рамките на најголемиот годишен политички собир во Кина, т.н. „Две сесии“, минатата недела.
Шефот на кинеската дипломатија го доведе во прашање и досегашниот ефект од американските трговски мерки насочени кон Кина.
– Што постигнаа со царинските и трговските војни овие години? Дали нивниот трговски дефицит се зголеми или се намали? Дали нивното производство стана поконкурентно или помалку конкурентно? Дали инфлацијата во САД се зголеми или намали? Дали животот на луѓето стана подобар или полош? Деловните односи помеѓу Кина и САД се засноваат на двонасочни и реципрочни интеракции. Соработката ќе донесе заемна корист и вин-вин ситуација, а Кина дефинитивно ќе преземе контрамерки како одговор на произволниот притисок од САД – посочи Ванг Ји, додавајќи дека Кина и САД мора да бараат мирен соживот и оти е можно да станат партнери што меѓусебно си помагаат за да напредуваат заедно.
Наспроти определбите на кинеската надворешна политика кон мир и соработка за создавање глобално општество со заедничка иднина за човештвото и вистински мултилатерализам, јасно истакнати за време на „Двете сесии“, кинеските власти исто така изразија подготвеност за борба за заштита на националните интереси.
– Ако САД сакаат војна, било да е тоа царинска, трговска или каков било друг вид на војна, ние сме подготвени да се бориме докрај – изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Лин Џијанг, минатата недела.
Трговскиот спор со САД поттикна патриотизам во домашната јавност, како и верба дека Кина може да излезе како победник во судирот со големиот ривал.
– Споровите со САД се хронични, тие не ја опфаќаат само трговијата туку се протегаат во повеќе сфери низ годините. Во одредена мера создаваат анимозитет на двете страни, но исто така поттикнуваат патриотизам кај кинескиот народ, кој гледа дека возвраќаме во судирот со друга велесила и верува дека Кина може да излезе како победник во трговската војна со САД. Од друга страна, во бизнис-сферата постои одредено размислување дека сепак може да дојде до соработка со САД на заемна корист и се верува дека тоа може да се случи во наредните четири-пет години, бидејќи гледаме дека споровите никому не му носат ништо добро – велат наши соговорници од Кина што се упатени во кинеско-американските односи, давајќи приказ за ставовите на кинеската јавност во однос на тековниот спор.
Значително поинакви околности во однос на претходниот економски судир
Тековната состојба потсетува на трговската војна помеѓу САД и Кина во 2018 година, за време на првиот претседателски мандат на Трамп, но Вашингтон и Пекинг денес се соочуваат со значително поинакви услови отколку пред седум години, бидејќи двете најголеми светски економии постепено ја намалија меѓусебната економска зависност, а со тоа и влијанието на царините.
Народна Република Кина, за разлика од американските блиски трговски партнери и соседи Канада и Мексико, на кои САД исто така им воведоа дополнителни царини, со години е опфатена во трговско и технолошко ривалство со Америка и сега има поинаков пристап кон трговските мерки на Трамп. Тоа се забележува и според возвратните тарифи, кои се смета оти се осмислени за директно да ги погодат поддржувачите на Трамп, а истовремено и да остават доволно простор за евентуално склучување трговска спогодба.
Американските берзи забележаа пад во понеделникот поради стравувањата дека царинските политики на Трамп би можеле да ја доведат најголемата светска економија во рецесија, што американскиот претседател категорично го отфрли како можност. А за разлика од првиот мандат на Трамп, кога економските проблеми или потреси на берзата често резултираа со менување на американските политики, се чини дека американскиот претседател сега е решен да ги спроведе рестриктивните трговски мерки, тврдат некои од светските медиуми. Кинескиот извоз достигна рекордно ниво во досегашниот тек од годинава, но доколку САД продолжат да ги зголемуваат царините, се смета оти тоа би можело да влијае врз клучни двигатели што придонесуваат за економската експанзија на Кина. Економските експерти велат дека целосните ефекти од неодамнешниот бран на тарифи допрва треба да се почувствуваат, иако раните знаци веќе укажуваат на пад на испораките на одредени стоки.