Главниот извршен директор на американската инвестициска банка JPMorgan Chase, Џејми Димон, доби покачување од половина милион долари за 2019 година, со што неговата вкупна плата за една година изнесувала 31,5 милиони долари, соопштија од банката.
Тоа е пораст од 1,6 проценти во однос на 31 милиони долари кој ги доби за 2018 година. Банката соопшти дека одлуката е заснована на силните резултати кои таа институција ги реализирала. Банката соопшти дека нејзиниот одбор на директори, при утврдувањето на платата на Димон, ги зел во предвид деловните резултати на банката, контролата и движењето на ризикот, фокусот на клиентите, акционерите, тимската работа и лидерството.
Под водство на Димон, JPMorgan оствари нето приход од 36,4 милијарди долари за 2019 година, во однос на 32,5 милијарди американски долари претходната година, и поврат на реалниот заеднички капитал од 19 %, во однос на 17 % во 2018 година.
Платата на Димон се состои од годишна основна плата од 1,5 милиони долари и бонуси засновани на перформанси од 30 милиони долари.