Глобалните пазари се тресат од ударите на новите царини воведени од американскиот претседател Доналд Трамп. Инвеститорите масовно го извлекуваат капиталот, додека вредноста на индексот S&P 500 падна за четири трилиони долари – загуба што го избриша речиси целиот раст постигнат од неговата изборна победа во ноември. Само за споредба, германскиот БДП е 4,5 трилиони долари, а на Јапонија 4,2 трилиони долари.
Стравувањата од рецесија и трговските војни со Канада, Мексико и Кина предизвикаа остра распродажба на акциите, а нестабилноста на пазарот скокна на највисоко ниво за една година. Банките ги намалуваат прогнозите, хеџ-фондовите го повлекуваат капиталот, но на никој во Белата куќа „не му трепнува око“. Тие тврдат дека тоа е дел од поголем план и дека нејзините економски политики ќе се покажат како корисни на долг рок.
Водечкиот американски берзански индекс, S&P 500, падна за повеќе од осум отсто во последните три недели, додека технолошката берза Nasdaq Composite забележа пад од 13 отсто во однос на рекордното ниво во декември. „Делта ер лајнс“ веќе ги преполови проценките за профитот за првиот квартал, а извршниот директор на компанијата како главна причина ја наведе зголемената економска несигурност во САД. Дали истото ги чека и другите големи американски компании?
Акциите на најголемите технолошки компании, кои доминираа во растот во изминатите две години, сега се меѓу најголемите губитници. Епл и Нвидија паднаа по пет отсто, додека Тесла загуби 15 отсто од својата пазарна вредност, збришувајќи 125 милијарди долари капитализација.
Биткоинот, исто така, доби удар, забележувајќи пад од 5 проценти. Американските државни обврзници привлекоа поголем интерес кај инвеститорите, при што приносите на 10-годишните обврзници паднаа на 4,22 отсто, што укажува на зголемена побарувачка за побезбедни инвестиции.
Индексот на нестабилност VIX, кој ги мери очекуваните флуктуации на берзата, скокна од 12 на 28, што е над долгорочниот просек.
Белата куќа не е загрижена
– Постоеше општ консензус дека Трамп ќе „закочи“ доколку пазарите почнат да тонат. Но, сега станува јасно дека неговиот праг на толеранција за опаѓање на берзата е многу поголем отколку за време на неговиот прв мандат – објаснува за „Фајненшл Тајмс“ Алекс Косогљадов од најголемата јапонска брокерска куќа „Номура“.
Белата куќа само вели дека ја задржува својата позиција дека нејзините економски политики се корисни на долг рок.
Пред само неколку дена, инвеститорите сè уште веруваа дека нестабилноста на берзата ќе го принуди Трамп да се повлече или да ги преиспита своите одлуки, но администрацијата јасно стави до знаење дека турбуленциите на пазарот нема да влијаат на политиките на Белата куќа. Тие, исто така, се повеќе се плашат од сценариото за стагфлација – истовремено забавување на економскиот раст и зголемување на инфлацијата, што значи дека Американците би можеле да доживеат симултан пад на куповната моќ и зголемување на цените, без јасните придобивки од економскиот раст.
Ситуацијата дополнително се влошува со двоумењето на американскиот Конгрес да усвои предлог-закон за буџет за да се спречи делумно затворање на федералната влада. Во исто време, инвеститорите чекаат извештај за инфлацијата кој дополнително може да го потресе пазарот.
„Се чини дека администрацијата на Трамп нема проблем со падот на пазарот, па дури и со можна рецесија, ако тоа значи постигнување на нивните пошироки цели“, вели Рос Мејфилд, стратег во инвестициската куќа Baird.
Претставниците на Трамп велат дека економијата би можела да влезе во „фаза на чистење“ во која ќе се намали зависноста од владините трошоци, а приватниот сектор ќе преземе поголема улога.
-Пазарот и стопанството едноставно се навикнаа на државни пари. Сега доаѓа фазата на приспособување – одговори Скот Бесент, министер за финансии на САД. Самиот Трамп одби да ја предвиди можноста за рецесија во текот на викендот.
– Разбирливо е дека има тензија меѓу САД и Кина, но царините за Канада, Мексико и Европа ги оставаат деловните луѓе збунети. „Доколку ситуацијата не се стабилизира во следниот месец, тоа може сериозно да ги оштети економските изгледи на САД“, предупреди за Ројтерс Питер Орзаг, извршен директор на „Лазард“, влијателна меѓународна фирма за финансиски советодавни и управување со средства.
Главното прашање повеќе не е: дали Трамп навистина ќе го спроведе она што го најави, туку каква цена се Американците навистина подготвени да платат за она што го гласале?