Во државава има над 330.000 пензионери, а анализите покажуваат дека сегашните вработени ги финансираат сегашните пензионери, односно придонесите што по однос на пензиско и инвалдиско осигурување се собираат од еден и пол вработен се доволни за да се исплати една пензија.
Исплатата на пензиите претставува сериозен предизвик имајќи го предвид буџетскиот дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигирување којшто во моментот изнесува над 600 милиони евра, како и трендот на зголемување на бројот на пензионери.
Финансирањето на Фондот за пензиско и инвалидско осигирување (ПИОМ) се врши по два основа – од придонеси и трансфери од Буџетот. Со реформата спроведена во 2019 и 2020 година придонесите годишно се зголемија за 0,4 проценти, односно од 18 проценти скокнаа на 18,8 проценти со што процентот на средства што доаѓаа од Буџетот се намали на 32,3 проценти.
Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени
Професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за МИА вели дека една од причините за „дупката“ во Фондот е пензиската реформа од 2006 година кога третина од придонесите за пензиско осигурување почнаа да се уплаќаат во приватните пензиски фондови, а пензиите продолжија да се исплаќаат само од државниот буџет.
– Тоа ги намали приходите на државниот Фонд, но не ги намали расходите, што неминовно води до дефицит. Само за илустрација, во 2005 година, пред реформата, дефицитот беше 130 милиони евра, а сега е 600 милиони евра, односно, пет пати повеќе, вели Јовановиќ.
И постојаното намалување на стапките на придонесите и ослободувањето на разни фирми од придонеси, според Јовановиќ, се причина за намалувањето на приходите на Фондот. Сегашните 18,8 проценти, според него не се доволни. Ако придонесите се зголемат на 24 проценти, според Јовановиќ, може да се намали дефицитот за околу половина.
Најсериозен проблем е стареењето на населението
– Бројот на пензионери расте побргу од бројот на вработени. Соодносот на лица постари од 65 години, и лица помеѓу 15-64 години, денес е околу 22 отсто, а на почетокот на 1990-тите беше 12 отсто. Со други зборови, денес има еден „стар“ човек на секој петти работоспособен, додека пред 30 години, тоа беше на секој десетти. Какви и да преземете мерки, и за вработување, и за плати, и за стапката на придонеси, нема да го смените овој факт, вели Јовановиќ.
Во последните десет години вкупно 74 946 македонски граѓани земале државјанство во некоја од земјите во Европа. Омилени дестинации се Италија, Швајцарија и Германија, покажуваат податоците.
Поголеми приходи во Фондот на ПИОМ преку раст на платите и вработените
Очекувањата на новата Влада се дека изворните приходи на Фондот на ПИОМ ќе се зголемат со растот на платите и бројот на вработени. Од Министерството за финансии за МИА велат дека очекувањата се во наредниот период со растот на платите и бројот на вработените да се зголемат изворните приходи на Фондот и тоа да влијае на стабилизирање на состојбата.
По договорот за зголемување на минималната плата, се погласно се бара зголемување и на останатите плати. Дел од синдикатите излегоа со барање да се почитуваат Законот за минимална плата и колективниот договор.
Пораката на експертите е дека мора да има мерки од страна на Владата со кои ќе се поддржува растот на платите. Во тој контекст потенцираат дека просечната плата пораснала за околу 30 проценти во реален износ како резултат на покачувањето на минималната плата и на платите во јавниот сектор.
Фондот на ПИОМ на 27 февруари по седницата на Управниот одбор на која беше усвоена завршната сметка објави дека годината ја завршил со позитивен финансиски тренд. Во информацијата објавена на веб страницата на Фондот, стои дека сите показатели се во насока на подобрување и трендот и во 2024 година.
Со реформата од пред 18 години, пензискиот систем покрај од задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб) е составен и од задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб), како и доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб). Моментно три пензиски друштва управуваат со по еден задолжителен и со по еден доброволен пензиски фонд и едно пензиско друштво управува само со доброволен пензиски фонд.
Функционирањето на тростолбниот систем како прашање се отвори во предизборието, но се уште нема информации какви промени би се направиле. Препораките на експертите се евентуалните чекори за промени да се темелат на независна робустна квантитативна анализа, базирана на симулациски пресметки, која треба да покаже што е користа, а што трошокот од едниот а што од другиот систем.
Според податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) во текот на 2023 година вкупните средства на задолжителните пензиски фондови забележале раст од 19,08 проценти и достигнале 135,21 милијарда денари (Околу 2 милијарди евра) а вкупните средства на доброволните пензиски фондови се зголемиле за 17,46 проценти и достигнале 3,59 милијарди денари. Учеството на вкупните средства на пензиските фондови во вториот и во третиот столб во БДП пораснал и надминал 16,51 процент за 2023 година.
Вкупниот број членови и времено распределни осигуреници во задолжитените пензиски фондови заклучно со крајот на 2023 година изнесува 593 023, што е зголемување за 20.929 или за околу 3,66 проценти во споредба со 2022 година. Од вкупниот број членови во вториот столб, 61 910 или 10 проценти се доброволни членови додека 531 114 или 90 проценти се задолжителни членови.
Податокот на Фондот на ПИОСМ за бројот на осигуреници покажува дека заклучно со крајот на минатата година вкупиот број на членови во задолжитените пензиски фондови е поголем од вкупниот број на осигуреници во овој Фонд.
Доколку портфолијата на доброволните пензиски фондови се разгледаат по инструменти може да се забележи дека пензиските фондови кај сите земји имаат најголема изложеност во обврзници и во други хартии од вредност за кои гарантираат државата или локалната власт.
Просечната пензија е под 60 проценти од износот на нето-платата
Податоците на Фондот за ПИОМ покажуват дека во јуни годинава пензија во државава примиле 341.146 лице. Од нив, корисници на семејна пензија се 74.336, на инвалидска 26.231, а на старосна 239 783.
Просечната пензија изнесувала 21.241 денар и е под 60 проценти од износот на нето-платата 41.252 денари.
Кај семејните пензии просечниот износ на примањата на пензионерите е 16.709 денари, кај инвалидиските 18.830 денари, кај старосните 22.884 денари.
Наспроти највисоката просечна воена пензија која изнесувала 29.910 денари, најмалата просечна пензија била земјоделската со износ од 10.939 денари.
Највисока пензија во износ од 80.280 денари примаат 27 лица. Станува збор за една семејна и 26 старосни пензии.
Со последното усогласување на 1 март годинава пензиите беа зголемени за 5,3 проценти.