Континуираното затегнување на монетарната политика што предизвика заострување на условите за кредитирање кај банките влијае врз одлуките за задолжување на компаниите односно голем дел од нив чекаат подобри времиња за подигнување нови кредити и реализација на нивните бизнис проекти.
Тоа го нотира и Народната банка во извештајот за ризиците во банкарскиот систем за минатата година во кој се вели дека кредитите на претпријатијата забележаа значително забавен раст во 2023 година по забележителниот раст во претходните две години.
Заклучно со декември минатата година вкупните кредити на претпријатијата пораснаа за само 3,2 проценти во споредба со крајот на претходната година во која растот изнесувал 11,8 проценти. Вкупните кредити на корпоративниот сектор од декември 2023 до април годинава се зголемиле од околу 3,4 на околу 3,5 милијарди евра односно за 94,8 милиони евра при што е остварен годишен раст од 6,6 проценти, објави Блумберг адриа.