Над 3.500 работници во државата не зеле регрес за годишен одмор, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија. Од ССМ велат дека има работодавачи кои исплатиле К-15 во многу понизок износ – 2.000, 1.000, 500, па дури и 100 денари, но има и такви кои исплатиле цел износ, а потоа барале да им се вратат парите. За газдите што нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа
Над 3.500 работници во државата не зеле регрес за годишен одмор, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија. Меѓу фирмите кои не исплатиле К-15 на своите работници се ЈП „Национални шуми“, „Колска“, „Алпине“, ПМИЗ „Енергомонтажа“, ДООЕЛ „Фалко“, ЗТД „Сточарство Богданци“, АД Водостопанство, „Џино Кори“…Според податоците од ССМ во 2024 година од вкупно 12.234 работници, на над 3.500 работници не им бил исплатен регрес за годишен одмор. Од ССМ велат дека има работодавачи кои исплатиле К-15 со многу понизок износ – 2.000, 1.000, 500, па дури и 100 денари, но има и такви кои исплатиле цел износ, а потоа барале да им се вратат парите.
Во Општиот колективен договор за стопанството стои дека кај работодавците кај кои настанале тешкотии во работењето може да се утврди регрес за годишен одмор помал од износот утврден со Колективниот договор. Многу газди ја користат оваа недореченост во Општиот колективен договор и исплаќаат К-15 само по неколку илјади денари, појаснуваат од ССМ.
– Секој газда мора да исплати К-15, но ако има финансиски проблеми, може да исплати помал износ од законски пропишаниот. Значи, фирмите што имаат економски тешкотии, коишто имаат загуби или, пак, имаат блокирана сметка, во спогодба со Синдикатот, можат да договорат помала исплата од 40 проценти од просечната плата, износ што е прецизиран како најмал износ за регрес за годишен одмор. Минимумот се определува во договор со Синдикатот ако има фирмата финансиски проблеми. Но, нема долен лимит за колку може да се намали К-15, така што некои фирми што немаат можности да исплатат 16.800 денари, исплаќаат само по неколку илјади регрес за годишен одмор – изјави за весникот ВЕЧЕР, Љупчо Радовски, од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Според него, доколку фирмата достави до Синдикатот погрешна сметка, односно ако утврди Државниот инспекторат за труд дека има пари на друга сметка и може да исплати К-15, ќе плати и казна и регрес за годишен одмор.
-Работодавачите кај кои настанале тешкотии во работењето по задолжителна претходна консултација со Синдикатот на ниво на гранка односно оддел, со спогодба потпишана од работодавачот и репрезентативната синдикална организација може да се утврди регрес за годишен одмор во помал износ од износот утврден со колективен договор, стои во член 35 од Општиот колективен договор.
Некои фирми, во договор со Синдикатот, К-15 го исплаќаат на рати. Од ССМ велат дека и тоа е дозволено со цел одеднаш финансиски да не се оптовари фирмата, но, сепак, мора да се „запази“ минимумот.
Годинава, К-15 за вработените во приватниот сектор изнесуваше 16.800 денари, односно 40 отсто од просечната плата исплатена во последните три месеци, а за вработените во јавниот сектор – 11.000 денари.
За газдите кои нема да им исплатат регрес за годишен одмор на своите вработени, Законот предвидува казна до 4.000 евра, од кои од 2.000 до 3.000 евра за компанијата и од 500 до 1.000 евра за одговорното лице во неа.