Големите нафтени компании како што се американскиот „Ексон мобил“ и британската „Шел“ плаќаат милиони на инфлуенсерите и ПР компаниите за да допрат до помладата генерација, особено до милениумците.

Како што пренесува Business Insider, повеќе од 100 инфлуенсери соработувале со големи нафтени компании од 2017 година.

„Нафтените компании се обидуваат да ја освојат довербата на помладата генерација“, рече заменик-уредникот на ДеСмог во Велика Британија, Сем Брајт.

Според него, овие компании не само што сакаат да промовираат одреден производ, туку и да го подобрат својот имиџ во очите на јавноста.

Познатата инфлуенсерка Нора Капистрано Сангаланг, која има 1,7 милиони следбеници на социјалните платформи ТикТок и Инстаграм, го промовираше британскиот „Шел“.

Американската инфлуенсерка на ТикТок Мередит Стил го рекламираше „Ексон Мобил“, што нејзините милиони следбеници можеа да го забележат.

„Шел“ ги здружи силите и со ПР агенцијата „Еделман“, која треба да го промени имиџот на нафтената компанија во очите на младите.

Како што е наведено на веб-страницата на оваа ПР агенција, „Шел“ сака милениумците емотивно да се поврзат со посветеноста на оваа компанија за екологија и одржлива иднина, пренесува Танјуг.

„Потребни ни се милениумците да ги заборават своите однапред смислени идеи за големите нафтени компании и да почнат да размислуваат за ‘Шел’ од друга перспектива“, вели агенцијата Еделман.