Индустриските нарачки во Германија паднаа силно во јули, пред се поради притисокот од значително намалената побарувачка од земјите надвор од еврозоната, според податоците од Министерството за економија на Германија. Индустриските нарачки се намалени за 1,4 проценти во однос на јуни според прелиминарните податоци од министерството.
Аналитичарите во анкетата спроведена од страна на компанијата за финансиски услуги FactSet очекуваа значително поблаг пад, од 0,6 проценти.
Падот на побарувачката се должи на пониската целокупна извозна побарувачка за германски производи, која падна за 5,2 проценти. Падот до некаде е ублажен од посилната домашна побарувачка, која се зголеми за 4,1 проценти, израчунале од министерството.
Нарачките од другите трговски партнери во еврозоната се зголемиле за 2,2 проценти, додека оние кои се надвор од зоната на примена на единствената европска валута паднале за 9,5 проценти.
Од министерството сепак се уверени дека општиот тренд сеуште покажува голем пораст.
Потпора за германската индустрија е силната побарувачката од земјите членки на еврозоната, врз основа на економското закрепнување во регионот и слабото евро, толкуваат од министерството.