Намалени се цените на услугите на Катастарот, што на граѓаните и компаниите им овозможува побрзо, поефикасно и навремено обезбедување на услугите.
Во новите тарифници за услугите, за потенцирање е големото намалување на надоместоците кои изнесуваат и до 90 проценти. Надоместокот за запишување на инфраструктурни објекти, е намален во просек за 90%. При запишување на недвижности во Катастарот, цените се намалени во просек за 51%, рече Борис Тунџев, член на Комисијата за транспорт и врски на СДСМ.
Надоместок за користење на податоците од Геодетско катастарскиот информационен систем е намален во просек за 28%. За запишувањата на правата по основa на доградби, надградби и легализирање на бесправно изградени објекти, предбележувањето и уписот на згради и други објекти надоместокот е намален за 20 отсто.
Намален е и надоместокот за промена на култура за 38%, за да се стимулираат земјоделците, да ги променат културите на земјиштето во имотните листи, за да се олесни процесот за добивање на субвенции. Извршено е намалување од 90 проценти за објектите со волуменска зафатнина со што се стимулираат винарскиот сектор и мелничката индустрија да ги запишат големиот број на нерегистрирани силоси и резервоари. Таму надоместокот беше 10 денари, а сега е еден денар за м3.
За 28 отсто се намалени услугите што ги нуди Катастарот за издавање податоци од геодетските планови како етажни скици и копии од катастарските аналогни планови. Укината е двојната наплата при повторното доставување пријава, ако претходната пријава за иста недвижност билa одбиена.