Додека власта ја подготвуваше мерката за ограничени маржи на основните прехранбени производи, цените во маркетите и на пазарите „здивеа“. Мерката, која завршува на крајот од октомври, ги намали маржите на 73 основни прехранбени производи, но не обезбеди значителни заштеди и не ги оправда очекувањата. Од власта информираа дека со оваа мерка граѓаните ќе заштедат од 690 до 1.360 денари на месечно ниво, благодарение на пониските цени на производите како што се оризот, брашното, тестенините, маслото за јадење, млекото, јогуртот, млечните производи, зеленчукот и овошјето. Но, од Сојузот на синдикатите на Македонија пресметаа дека вредноста на синдикалната минимална кошничка во октомври во однос на септември е намалена за 57 денари.
За еден месец, граѓаните заштедија дури 57 денари месечно. Есенската кошничка е прикрај, а бројките покажуваат дека ефектот е многу мал. Додека власта ја подготвуваше мерката за ограничени маржи на основните прехранбени производи, цените во маркетите и на пазарите „здивеа“. Мерката, која завршува на крајот одоктомври, ги намали ги намали маржите на 73 основни прехранбени производи, но не обезбеди значителни заштеди и не ги оправда очекувањата. Од власта информираа дека со оваа мерка граѓаните ќе заштедат од 690 до 1.360 денари на месечно ниво, благодарение на пониските цени на производите како што се оризот, брашното, тестенините, маслото за јадење, млекото, јогуртот, млечните производи, зеленчукот и овошјето. Но, од Сојузот на синдикатите на Македонија пресметаа дека вредноста на синдикалната минимална кошничка во октомври, во однос на септември, е намалена за 57 денари
– Првичните анализи од терен кажуваат дека цените на производите од есенската кошничка се намалиле во просек за 5 до 10 проценти, при што, кај некои производи ,намалувањето на цените е помало или воопшто и го нема, како кај лебот, маслото за јадење и млекото, додека кај други производи е значително поголемо, како кај месото, зеленчукот, сирењето и кашкавалот – изјави министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Со тоа, како што кажа, едно четиричлено семејство на месечно ниво би имало заштедата од 690 ден до 1.360 денари, во зависност од начинот на исхрана, како и од изборот на маркети каде што се набавуваат производите. Според него, доколку не биле донесени есенската кошничка и акцијата „Помалку трошоци – повеќe за вас“, цените на храната дополнително ќе се зголемеле, а со тоа и инфлацијата.
– Ги донесовме овие одлуки за заштита на стандардот на граѓаните, бидејќи, во минатите месеци, Државниот завод за статистика излегуваше со информации дека има раст на цените на основните прехранбени производи. Затоа направивме акциски план со кој ја донесовме есенската потрошувачка кошничка за да им излеземе во пресрет на граѓаните. Да не ги донесевме одлуките, цените на основните прехранбени производи ќе имаа уште поголем раст и инфлацијата ќе беше поголема од 2,6 отсто колку што е сега – рече Дурмиши.
Иако Владата ја промовираше оваа мерка како значителна поддршка на стандардот на граѓаните, реалните заштеди се покажаa како незначителни.
Во просек, цените на производите беа намалени за симболични од 1 до 30 денари. За многумина граѓани, кои очекуваа дека ќе видат поголемо намалување, особено поради постојаниот раст на цените на прехранбените производи последната година, ова не беше доволно за да се почувствува олеснување на семејниот буџет.
Од бизнис-секторот го потврдија истото што и бројките. Според нив, се работи за непазарни мерки, од кои ефектот е краткотраен, бидејќи откако ќе завршат, цените повторно ќе се вратат по старо.
– Овие мерки се непазарни и ефектот е мал. Потребно е да се зголеми домашното производство не само во нашиот сектор туку и во целата индустрија. Треба да се зголеми и земјоделското производство и да се намали увозот. Увозните цени се секогаш повисоки. За таа цел, потребно е да се направи подолгорочен план – 5-10-годишен план за зголемување на домашното земјоделско производство. Со тоа, и ефектот би бил поконкурентни цени и за домашниот пазар и за извоз – изјави Горан Малишиќ од пекарската индустрија за ВЕЧЕР.
Државата мора да почне со примена на други мерки, кои ќе имаат подолгорочен ефект врз цените, како што е намалување на даноците на основните прехранбени производи и зголемување на домашното земјоделско производство.
– Треба да се интервенира во земјоделството. Ние сме земја во која успева земјоделското производство. Мора да имаме план што ќе се случи во наредните 10-15 години. Треба да се субвенционира, да се работи земјата, да се произведува, да имаме поголема понуда… Во спротивно, секогаш ќе бараме Владата да интервенира со вакви мерки, кои не даваат резултат – вели Менди Ќира, претседател на Стопанската комора на Северозападна Македонија.
Синдикатот пресмета дека вредноста на Синдикалната минимална кошничка за октомври 2024 година изнесува 61.249,00 денари. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошничка за септември 2024 година, која изнесуваше 61.306,00 денари, е намалена за 57 денари.
– Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но поради алчноста за профит кај трговците, која државата мора да ја заузди, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка, ги зголемија цените на сите производи. Ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и за пијалаци во синдикалната минимална кошничка за повеќе од 717 денари за минатиот септември, а во неа, во делот за храна и за пијалаци во октомври 2024 година, која изнесува 22.069,00 денари, споредено со септември 2024 година (23.034,00 денари) е намалена за 965,00 денари – велат од ССМ.
Според нив, ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту, пак, со здравиот разум, туку, како што велат, има поврзаност само со алчноста, која е сè поизразена во Македонија.
Од ССМ сметаат дека при креирањето на мерките, Владата треба да го вклучи Синдикатот за да бидат тие подобри, имајќи предвид дека во последната мерка, 47 категории производи од 70 беа преземени од синдикалната минимална кошничка, која ја подготвува ССМ, а за кои го имаат движењето на цените во секој месец од почетокот на годината. Од ССМ сметаат дека се потребни поголеми контроли и доколку е потребно, и казни за несовесните трговци, кои се богатат на грбот на работниците и на граѓаните.