Раст на плати, зголемување на личната потрошувачка, пораст на бруто домашниот производ, но и зголемување на јавниот долг за да се сервисираат старите задолжувања, да се отплатат каматите и да се реализираат планираните инвестиции, е предвидено во „Фискалната стратегија на Република Македонија 2019-2021 година“ што ја објави Министерството за финансии.

Според Стратегијата, во наредните три години, од домашни и странски извори, Владата планира да се задолжи 2,3 милијарди евра, а притоа, во овој период треба да врати 1,5 милијарди евра стари долгови и дополнителни 500 милиони евра за камати, пресметани по тие долгови.

Можна е нова еврообврзница

Сепак, од Министерството за финансии нагласуваат дека буџетскиот дефицит во наредниот период ќе се намалува – како во апсолутен износ, така и како процент од бруто домашниот производ (БДП). Односно, во 2019 година тој ќе биде 2,5 проценти од БДП, а во 2021 ќе биде 2 проценти.

„Финансирањето на планираниот дефицит ќе се обезбедува преку задолжување од странски и домашни извори. Задолжувањето во странство може да се реализира преку поволни заеми од меѓународни финансиски институции, повлекување на средства од поволни кредити и кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и преку издавање на еврообврзница на меѓународниот пазар на капитал. Притоа, изборот на конкретен извор за надворешно финансирање ќе се темели на тековните и очекуваните состојби на меѓународните пазари на капитал“, пишува во Фискалната стратегија.

Во документот е наведено и дека „дисциплинираната фискална политика ќе обезбеди стабилно движење на јавниот долг, кој на среден рок ќе достигне 54,8 проценти од БДП во 2020 година како резултат на интензивирањето на капиталните проекти, и потоа ќе се намали на 53,8 проценти од БДП во 2021 година.
„Поточно, јавниот долг ќе се движи значително под утврдениот лимит за среднорочно и долгорочно ниво од 60 проценти од БДП“, децидни се од Министерството за финансии.

Притоа, пресметките во Стратегијата се базираат на значително зголемен економски раст на бруто домашниот производ поради поволни прогнози за европската економија, раст на инвестициите во Македонија, раст на платите и намалување на невработеноста. Во 2019 година се предвидува економски раст од 3,5 проценти, во 2020 година од 4 проценти и во 2021 година од 5 проценти.

Скепса кај аналитичарите

Економските аналитичари пак, не се многу оптимистички настроени кон најавите за задолжувањето и изразуваат резерви кон економскиот раст.

„Поставувањето на макроекономските проекции изгледа арбитрарно и недоволно базирано на економска логика. Иако постигнувањето среднорочен економски раст од 5 проценти е легитимна цел, забрзувањето на растот на 4 проценти во 2020 и 5 проценти во 2021 се чини со нагласени ризици. Надворешните ризици вклучуваат недоволно брз раст на странската побарувачка и неизвесност околу европските интеграции. Домашните ризици вклучуваат кревкост на политичкиот процес, недоволна реализација на капиталните инвестиции, недоволен поттик за инвестирање од приватниот сектор и сл“, реагира Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ по објавената Фискална стратегија.

Оттаму велат дека „дури и при реализација на проектираните стапки на раст на економијата, зголемувањето на јавниот долг од моменталното ниво од близу 5 милијарди евра на ниво од 7 милијарди евра за 4 години значајно ја компромитира неговата одржливост“.

Поранешниот министер за финансии од редовите на СДСМ, Никола Поповски, вели дека треба да се внимава и со големината на капиталните проекти.

– Големи кредити се предвидуваат за јавните претпријатија, за инфраструктурна изградба на Македонија. Не е лошо да се инвестира во инфраструктура, но тоа мора да соодветствува со нивото на развој на Македонија. Не можеме да претендираме да имаме хипер развиена инфраструктура со релативно среден доход по глава на жител, каков што имаме сега. Таа инфраструктура после ќе бара и одржување, индиректни се приходите и многу споро се враќаат и прашање е дали ќе ја поттикнат економијата, но расходите за неа ќе мора да се отплаќаат- вели Никола Поповски, во изјава за телевизијата „24“.

Стратегијата предвидува во периодот 2019 -2021 приватната потрошувачка да се зголеми за 2,8 проценти, јавната потрошувачка во овој период да расте во просек за 1 процент, а проекцијата за раст на бруто-инвестициите е околу 5,5 проценти во просек на реална основа.

Бројки
11
проценти е реализацијата на капиталните расходи во првите 4 месеци од годинава во однос на вкупниот износ планиран за цела година

392,5
милиони евра се планирани за капитални расходи годинава

59
проценти помала реализација на капиталните расходи има во првите 4 месеци годинава во однос на истиот период лани

Извор: Слободен Печат