По примерот на Европската централна банка во Народната банка почнале со првични активности за разгледување на можноста и потребата од воведување дигитален денар, истакна гувернерката Анита Бежоска – Ангеловска на Свечената академија по повод 30 г.монетарна самостојност на Македонија.
„Ако анализите покажат дека е потребно и соодветно воведување дигитален денар, при некои од следните одбележувања на денот на монетарното осамостојување, се надевам веќе ќе говориме и за дигиталниот денар како официјално платежно средство во земјата.“, рече Бежоска – Ангеловска.
Меѓу другото, гувернерката рече дека по глобалната економска криза од 2008/9 година наваму, а вклучително и по искуствата од ковид-кризата, во време на забрзани промени на глобалната сцена како резултат на глобализацијата, дигитализацијата и финансиските иновации, мандатот на централните банки постојано се менува и дополнува со нови функции.
„Сите тековни, нови функции и активности на современите централни банки коишто го штитат јавниот интерес, веќе се дел од нашата визија, но не како активност којашто ја проектираме за времето идно и далечно, туку како нешто на коешто веќе работиме.
Меѓу другото, посебен фокус ставаме на финансиската едукација и инклузија со оглед на важноста на зголемувањето на сознанијата за финансиските услуги, сообено во време на брз раст на финтек-секторот, што во крајна линија би обезбедило и олеснет пристап на граѓаните и компаниите до финансии. За поддршка на развојот на финтек-секторот, веќе е изработена и прва верзија на националната стратегија со цел да придонесеме нашата приказна да биде регионален лидер и во оваа сфера.“, рече Бежоска.
Целиот говор на гувернерката може да го погледнете овде.