„Во периодот од последната, декемвриска, седница на Комитетот наваму, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута забележа позначителен пораст, условен главно од остварувањето на дел од четвртиот пакет мерки за ревитализирање на економијата во услови на ковид-19. Во такви околности, банките имаа многу ниска и повремена потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Поволни движења имаше и на девизниот пазар, видливи пред сѐ преку растот на нето-понудата на девизи од физичките лица на менувачкиот и девизниот пазар. Овие пазарни остварувања беа проследени со натамошно зголемување на девизната ликвидност на банките, поради што Народната банка за првпат во 2020 година интервенира со откуп на девизи. Поволните случувања на девизниот пазар продолжуваат и во првата половина на јануари, при забележан нето-откуп на девизи од страна на банките.“- се наведува во соопштението на Народната банка, издадено по седницата на Комитетот за оперативна монетарна политика.
Народната банка известува дека оптимизмот на меѓународните финансиски пазари придонесе за зголемен интерес кај инвеститорите.
„Во декември, започнувањето на процесот на вакцинирање против корона-вирусот во повеќе земји, постигнувањето на договорот за Брегзит помеѓу Обединетото Кралство и ЕУ и очекувањата за натамошна поддршка на економскиот раст од носителите на политиките создадоа оптимистички согледувања кај инвеститорите околу перспективите за економското закрепнување на глобално ниво. Оптимизмот на меѓународните финансиски пазари придонесе за зголемен интерес за вложување во повисокоприносни финансиски инструменти, поради што продолжи растот на глобалните берзански индекси, а вредноста на САД-доларот се намали. Цените на државните обврзници немаа позначителни поместувања во текот на месецот, односно се задржаа на релативно високи нивоа.“- пишува во соопштението.
Општо земено, на седницата на Комитетот било заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Сепак, неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и натаму постојат, како во глобални рамки, така и во рамките на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветно приспособување на монетарната поставеност, доколку е потребно.