Пред некој ден излезе некакво си соопштение некаде дека нашата Народна Банка одлучила да набави, а воедно и склучила договор за да нарача ковани пари во апоенска структура од 1 денар. И тоа ни помалку ни повеќе 2 милиони парчиња од по еден денар, колку што има жители од ѓутуре во земјава, за секој мачник по едно алтанче.
И прво прашање што ми дојде е: Што се случило со паричињата од 1 денар во оптек кои се во моментов? Дали тие се иззабиле или просто исчезнале? Или економијата толку пораснала што некој монетарен агрегат треба да се прошири? И тоа најнискава деноминација на агрегатов? Или пак, постои некаква си редовна замена и ковање на пари како во 18 век, кога секој европски крал ги стартовал ковачниците и обезбедувал кованици со негов лик да ја олеснува трговијата?
Наредно прашање кое ме навјаса, беше следново: Од што потреба, наместо да го сузбива било каков кеш, а особено металниот кеш и да тера агенда на дигитализација на платната инфраструктура, да се либерализира овој пазар, да влезат сите поголеми и позначајни светски платежни платформи, да се олесни онлајн трговијата и дигиталните плаќања, нашата Народна Банка кова денарчиња?
Години се чека да се либерализира внатрешниот платен промет, да се усогласи нашиот платен систем со надворешните сервиси и да функционираме во платната сфера како секое нормално општество, ние коваме денарчиња? Наместо да гледаме напред и каде се движат платните системи и платните концепции воопшто, ние сеуште прибегнуваме кон средновековни монетарни артефакти.
Трето прашање кое ми падна на ум е околу цената на изработката, па зедов да направам некоја пресметка. Пресметката е многу интересна, и дополнително развива други прашања:
Според договорот кој можете да го најдете на Е-набавки на следниов линк: https://e-nabavki.gov.mk/PublicAccess/home.aspx#/dossie-acpp/8b9d0533-135e-4c87-b52c-112d27ae9fb8 може да видиме дека нашиве визионери, нарачале 2 милиони кованици од 1 денар апоенска структура, за цена од 536.528 евра, под одредени услови кои мора тој таму во Романија да ги исполнува, а мастер алатот за изготовка требало нашиве да го обезбедат.
Одиме понатаму, една проста пресметка ни покажува дека ако вкупната цена во денари на овие 536.528 евра, а таа е 32.991.100 денари ја поделиме со количинава од 2 милиони монети кои треба да се испорачаат, доаѓа дека 1 монета од 1 денар, не чини 16,5 денари. Значи 1 монета од 1 денар не чини 16,5 денари. Дали се исплаќа за лубрикативно средство на трговијата да платите скоро 17 пати поскапо од неговата номинална цена оставам на Вас да процените. Јас искрено немам мислење околу тоа.
Мене мислењето ми продолжува во друга насока, и движејќи се по договорот, можеме да видиме дека на страна 10 има технички спецификации за робата. Од техничките спецификации можеме да заклучиме дека монетите треба да бидат изработени од челик обложен со бакар и месинг. И дека една монета треба да тежи 5 грама ( со многу мала дозволена отстапка).
Е сега, ако една монета тежи 5 грама, 2 милиони монети тежат 10 тони.
Одиме понатаму, 1 тон челик по цени на пазарот од минатата година, кога ова е договарано и распишувано, биле околу 1000 долари ( најскапиот ), во Европа, што можеме да го провереме на овој официјален линк: https://mepsinternational.com/gb/en/products/europe-steel-prices или за појасно визуелно вака изгледале:
Значи 10 тони челик, суров во било каква форма, најфиниот, чини 10.000 долари.
Понатаму, пишува дека е легура некаква, т.е. монетите се обложени, не се ни мачев да провервам, ево ќе кажиме дека и за бакарот и за месингот ќе додадеме ( иако се многу поефтини од челикот ), уште 10.000 долари.
Значи, имаме 20.000 долари за материјал.
Мастер алатот го обезбедуваат нашите, што е и логично.
За изработка, сигурно машинска, јас немам ориентација колку е некоја фер цена, но до 536.528 евра гледам дека има една луфта од повеќе од половина милион евра.
Да заклучам, нарачуваме ковани пари, а не го фаќаме светот кон дигитализацијата, нарачката не чини 17 пати поскапо од номиналната цена која овие монети ја преставуваат, а кај договорената и платена цена, материјалот – не изработка или други работи – ( само материјалот нагласувам ) – чини скоро 27 пати помалку или околу 20.000 долари, а платено е над половина милион евра.
Сакам да ја поздравам одличнава визија и зделка која ја направиле нашиве од Народнава Банка, се гледа дека имаат длабоки и пространи видици, и во прави насоки со добри и промислени пракси ја тераат како нашата монетарна, така и севкупната економска сага во државава. Секоја чест.
Наум Димитровски