Заклучно со 31 март нето надворешниот долг на Македонија изнесува 4.35 милијарди евра или 29,9 проценти од проектираниот БДП, соопшти денеска Народната банка. Се додава дека нето надворешниот долг на земјата, во првиот квартал од 2024 година, е намален за 109 милиони евра, или за 2,4 проценти. Од аспект на структурата, приватниот нето-долг и натаму има поголемо учество во вкупниот нето-долг со 62 проценти.
-На крајот на првиот квартал од 2024 година, бруто надворешниот долг изнесува 11.789 милиони евра и забележа квартално зголемување од 327 милиони евра. Бруто надворешните побарувања се зголемија за 436 милиони евра и изнесуваат 7.440 милиони евра. Поголемото квартално зголемување на побарувањата во однос на обврските доведе до намалување на нето надворешниот долг за 109 милиони евра, така што на крајот на март 2024 година тој изнесува 4.350 милиони евра, се вели во соопштението на Народната банка.