Вкупните депозити во ноември бележат раст од 0,3 проценти, а вкупните кредити оствариле раст од еден процент, покажува извештајот на Народната банка за монетарните движења во претпоследниот месец од годинава.

Според извештајот, паричната маса бележи месечен пад од 0,4 проценти и тој главно е резултат на намалувањето на депозитните пари, краткорочните депозити и долгорочните депозити до две години, додека готовите пари во оптек забележале умерен раст.

Растот на депозитите, како што стои во извештајот, се должи на зголемувањето на депозитите кај домаќинствата и на поумереното зголемување на депозитите кај корпоративниот сектор, а растот на кредитите на зголеменото кредитирање на двата сектора, со малку поголем придонес на корпоративниот сектор.

– Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, во ноември, е евидентиран месечен раст од 0,5 проценти, којшто произлегува од растот на депозитните пари, краткорочните депозити во странска валута и долгорочните депозити во денари, при остварен пад кај краткорочните депозити во денари и долгорочните депозити во странска валута, се наведува во извештајот.

Во однос на кредитите кај корпоративниот сектор забележан е раст од 1,2 проценти, а нагорните промени во поголем дел произлегуваат од кредитите одобрени во денари.

Кај домаќинствата вкупните депозити бележат месечна нагорна промена од 0,6 проценти главно како резултат на растот кај депозитните пари и растот на останатите компоненти.  Раст од 0,9 проценти на месечно ниво има и кај кредитирањето на домаќинствата со тоа што кредитите одобрени во денари имаат поголем придонес за растот.

Во ноември забележан е раст на потрошувачките и станбените кредити одобрени за физички лица, додека пад има кај автомобилските кредити на месечно и на годишно ниво. Кај кредитите одобрени врз други основи забележан е пад и на месечно и на годишно ниво.

На годишно ниво, депозитниот раст изнесува 9,3 проценти, а стапката на кредитниот раст изнесува 6,4 проценти.