Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2019 година. Нејзин добитник е м-р Тереза Кочовска, наградена со прва награда за трудот „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија“.
Денес во Народната банка се одржа свечена средба со Кочовска, на којашто гувернерката, д-р Анита Ангеловска-Бежоска ѝ ја врачи наградата. Притоа таа изрази задоволство што на конкурсот за оваа година пристигнаа најголем број трудови, во споредба со изминатите неколку години. „Но кога е во прашање науката, мораме да имаме предвид дека не е важен само квантитетот, туку пред сѐ квалитетот на трудовите. Ме радува што според заклучокот на Одборот за стручно оценување на пристигнатите трудови, тие се одликуваат со солиден квалитет. Тоа е уште една потврда дека во нашата средина има не мал број млади кадри коишто поседуваат знаења и способности со коишто во времето што е пред нас, може и треба да бидат двигатели на научната мисла во сферата на економија. Млади истражувачи коишто треба да ги поддржиме во нивните потфати, за својот потенцијал да го вложат во унапредување на нашата наука. Народната банка катадневно се обидува преку различни форми да им даде што поголема поддршка. Годишната награда е само една од тие форми, преку кои настојуваме да дадеме придонес не само во поттикнувањето на истражувачката активност, туку и за подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјава.“ – истакна Ангеловска-Бежоска.
На средбата, членовите на Одборот за стручно оценување на пристигнатите трудови, меѓу другото нагласија дека трудот на Тереза Кочовска се одликува со конзистентност, релевантност и актуелност, како и дека е оценет со највисока просечна оценка и од сите нив одделно. Истовремено, тие потсетија дека оценувањето на трудовите беше спроведено анонимно, без сознание кои се нивните автори, со придржување до однапред утврдените критериуми со кои се гарантира сеопфатен и темелен пристап при анализирањето на секој пристигнат труд.
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла во земјава, како и заради афирмација на младите стручни кадри, Народната банка ја доделува Годишната награда веќе тринаесет години, во рамки на чествувањето на годишната од монетарното осамостојување на земјава. Конкурсот за годинешната Награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Право на учество имаа авторите од земјава на возраст до триесет и пет години, при што секој автор можеше да конкурира само со еден труд, којшто задолжително требаше да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.
Наградениот труд „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија“ ќе биде презентиран и на сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка.