Големите централни банки од целиот свет продолжија да купуваат големи количини злато цела измината година. Тој тренд продолжи до крајот на 2024 година, а се очекува истото да се случува и годинава. Врз основа на најновите податоци за ноември, централните банки од целиот свет купиле 53 тони благородни метали, а најголем купувач е Народната банка на Полска со 21 тон. Вкупно, во третиот квартал од 2024 година, Полска купила над 42 тони злато. Земјата масовно прави вакви набавки, особено од почетокот на војната во Украина, анализира То Вима. Втор најголем купувач на злато за третиот квартал од 2024 година, според податоците објавени вчера, е Унгарија со 15,5 тони, потоа Индија со речиси 13 тони, Турција со 10,5 тони и Узбекистан со 8,7 тони.
Продавачи во истиот период биле Казахстан со 12,8 тони, Филипините со 4,5 тони, Монголија со 2,1 тони, Јордан со 1,3 тони и Сингапур со 1,25 тони злато.
Според официјалните податоци на прво место по резерви на злато е САД со 8.133 тони. Следи Германија со 3.351 тони и Меѓународниот монетарен фонд со 2.814 тони, Италија со 2.451 тони и Франција со 2.436 тони. Грција е на 37. место на рангирањето со официјални резерви од 114,55 тони злато. Турција има резерви од 615 тони. Вкупно, централните банки официјално имаат резерви од 36.165 тони. Земјите од еврозоната, вклучувајќи ја и Европската централна банка (со 506 тони), имаат вкупно 10.770 тони. Падот на цената на златото во ноември, по изборите во САД, можеби им даде дополнителен поттик на некои централни банки да го складираат благородниот метал.