Во првиот квартал од 2018 година беше забележан значителен пораст на цената на нафтата од типот „брент“, за којшто се очекува дека ќе продолжи до крајот на годината, со поизразен раст во втората половина од година, соопшти Народната банка во најновиот квартален извештај.
„За целата 2018 година е извршена нагорна корекција на цената на нафтата во однос на проекцијата од октомври. Нагорната ревизија во најголем дел е резултат на договорот на земјите од ОПЕК и Русија за продолжување на договорот за намалување на производството на нафта, помалото ниво на залихи во САД и зголемените геополитички ризици во Блискиот Исток.
Од друга страна, во услови на повисоко ценовно ниво во 2018 година, во 2019 година се проектира поголем пад на цената на нафтата од проектираниот во октомври“, соопшти НБРМ.