Растот на депозитите на домаќинствата во јануари во однос на ланскиот јануари е 7,8 проценти, додека растот на кредитите е 6,9 проценти.
Во јануари вкупните депозити што ги имале домаќинствата биле за 7,8 проценти поголеми отколку пред една година, додека кредитите се зголемиле со помал процент, кој изнесувал 6,9 проценти, покажуваат податоците од Народната банка.
Така, во јануари народот имал 5,64 милијарди евра на сметки, додека кредитите што ги има во банки и штедилници тежат 3,73 милијарди евра.
Структурата на кредити е вообичаена, со најголемо учество на потрошувачки кредити, но она што е воочливо и ретко, имаме месечен пад на овие кредити од 1,1 проценти. Сепак, овие кредити ако се мерат со оние во јануари 2023 година се со поголем износ за 5,9 проценти и во јануари годинава изнесувале 1,94 милијарди евра.
Станбените кредити изнесувале 1,36 милијарди евра и износот на годишно ниво бил поголем за 10,5 проценти, а на месечно ниво за 0,3 проценти.
Најголем раст имале автомобилските кредити. За нови автомобили, износот што го должи населението преку банки е речиси 6,4 милиони евра и тој е за 12,6 проценти поголем отколку пред една година, а 0,3 проценти поголем во однос на декември 2023 година.
На месечно ниво, пак, најголем скок има кај негативни салда на тековни сметки. Тие во јануари во однос на декември се зголемиле за 11,6 проценти, но мора да се има предвид дека во претходните месеци имаше значајни намалувања на овој вид кредитирање. Сепак, и тие намалување не доведоа до годишен пад, туку напротив, за една година негативните салда се зголемиле за 3,3 проценти. За негативно салдо на тековни сметки, кои главно се плати во минус, народот должи 108,5 милиони евра.
По кредитните картички, домаќинствата помалку посегнуваат. Кредитирањето на овој начин за една година се намалило за 5,1%, а за еден месец за 1,3 проценти. На кредитни картички, населението е задолжено за 157,3 милиони евра.