Според Министерството за земјоделство на 18-ти август треба да биде објавен првиот повик за средствата од ИПАРД 3 програмата. Преку оваа програма како неповратна помош од Европската унија се обезбедени 97 милиони евра. Средствата ќе може да се користат до 2027 година. Парите се наменети за инвестиции во земјоделски стопанства и во развој на бизниси.
Министерството за земјоделство најавува дека наскоро ќе се објави првиот Јавен повик за доставување на барања за користење на финансиски средства од ИПАРД 3 Програмата.
Парите се наменети за инвестиции во основни средства во земјоделските стопанства и за развој на бизниси во руралните средини.
Според правилата за користење на парите, корисниците претходно треба да склучат договор со Агенцијата и да ја реализираат одобрената инвестиција во согласност со претходно договорените услови.
Јавниот повик ќе трае најмалку 45 дена од денот на објавувањето.
Потребната документација за подготовка и поднесување на барањата, заедно со упатствата за корисниците на средствата ќе бидат истакнати и на веб-страницата на Агенцијата.
Информации за подготовка и доставување на барањата и практични совети за аплицирање, заинтересираните земјоделски производители можат да добијат бесплатно во регионалните центри на Агенцијата за поттикнување на развој во земјоделството.