Преку информативен документ за надоместоците за платежни услуги, со податоци во стандардизирана форма, банките и штедилниците, односно сите даватели на платежните услуги, се должни да ги информираат граѓаните за трошоците коишто им ги наплаќаат. Ова е пропишано со новиот Закон за платежни услуги и платни системи, како и со подзаконските акти, со кои значително се зајакнува заштитата на потрошувачите и транспарентноста кон нив, посочува Биљана Доновска-Гечева, самостојна советничка во Дирекцијата за платни системи при Народната банка, во гостување на националниот сервис МТВ.
Доновска-Гечева истакнува дека со новата регулатива јасно и прецизно се пропишуваат дури и навидум неважните елементи во обраќањето на банките кон граѓаните. Исто така, секогаш кога има промена во некој од условите, давателите на платежните услуги мораат да ги информираат граѓаните на соодветен начин. „Од информативниот документ, којшто е стандардизиран, граѓанинот ќе ги дознае сите услови поврзани со платежните услуги и ќе одлучи со која банка ќе склучи договор, според сопствените потреби“, вели Доновска-Гечева.
За на граѓаните да им е полесно да ги споредат надоместоците за платежните услуги од различни банки, банките се обврзани да ги доставуваат информативните документи за надоместоците и до Народната банка, којашто, пак, изработи алатка којашто овозможува лесен пристап и споредба на сите информативни документи на едно место. „Алатката може да ја најдете на воведното мени на веб-страницата на Народната банка, како и во делот којшто го наменивме за заштитата на потрошувачите. Алатката е исклучително лесна за употреба, а има и куси објаснувања за начинот на користење. Подготвуваме и краток видеозапис, за да може граѓанинот полесно да се информира за оваа мошне корисна алатка“, посочува Доновска-Гечева и објаснува дека на тој начин им се олеснува на граѓаните, како потрошувачи, при изборот на банката и на услугите коишто најмногу им одговараат ним.