Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за финансии Филип Николоски денеска ги доделија наградите освоени од учениците во рамките на Конкурсот за избор на најдобри ликовни и литературни творби по повод Светскиот ден на штедењето ‒ 31 октомври.
„Конкурсот е дел од активностите на Народната банка, посветен на помладата популација, поттикнувајќи ја на креативно размислување и освојување нови финансиски знаења. Според Анкетата на ОЕЦД за ЦЈЕ, 40% од младите трошат повеќе од сопствените можности, имаат проблеми во управувањето со личните финансии, а само 15% штедат, наспроти 60% од младите во ЕУ. Оттаму, оваа година зададените теми беа поврзани со штедењето како клучна алатка за подобра финансиската иднина на младите“, истакна гувернерката Ангеловска-Бежоска обраќајќи им се на присутните. Таа нагласи дека штедењето е важен аспект во процесот на созревање на младите, бидејќи ги учи на рационално управување со средствата, коешто во голема мера ќе ја обликува и нивната иднина. Притоа, нагласи: „Народната банка постојано ги проширува активностите за финансиската едукација, како една од нашите стратегиски цели, за што усвоена е и првата национална Стратегија за финансиска писменост и инклузија. Потребно е да се вложат напори во оваа сфера, особено имајќи ги предвид резултатите од анкетите според кои младите кај нас, слично како и во регионот на ЦЈЕ, имаат пониска финансиска писменост во однос на повозрасните групи население. А недоволните финансиски знаења се одразуваат со несоодветно финансиско однесување, односно со помало штедење и инвестирање во подобра иднина. Оттаму, едуцирањето на најмладите уште од ученичките клупи мора да биде приоритет на носителите на политиките.“
„Финансиската писменост е една од најсилните алатки што ги имаме на располагање за да ги обезбедиме нашите финансиски можности и да ги постигнеме нашите финансиски цели. Затоа, важно е да го поставиме финансиското образование во центарот на нашите училишта, нашите заедници и нашите животи. Тоа е долгорочен процес и со негово вградување во наставните програми уште од најрана возраст се овозможува стекнување знаење и вештини за градење одговорно финансиско однесување во текот на секоја фаза од животот“, истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски. Тој додаде дека подобро едуцирани и информирани граѓани подобро управуваат со своите лични финансии и претставуваат значаен фактор во градењето стабилен и сигурен финансиски сектор. „Овој настан преминува во една прекрасна традиција и претставува инспирација за да се мотивираме себеси и другите како да ги ставиме финансиите во прв план за заедно да можеме да креираме подобра финансиска иднина за нас и нашите наредни генерации“, порача Николоски.
Конкурсот со кој го одбележуваме Светскиот ден на штедењето − 31 октомври се одржа по единаесетти пат. Годинава, пристигнаа вкупно 375 ученички творби на двете одбрани теми: „Штедам паметно – живеам подобро: Инвестирам во својата иднина“ за основното образование и „Штедењето – чекор кон финансиска независност“ за средното образование. Комисиите за избор на најдобри творби, формирани од претставници на Народната банка и Министерството за финансии, при изборот на трудовите за награда кај учениците од основното образование ги зедоа предвид оригиналноста во индивидуалниот пристап, идејата, техничката умешност, инвентивноста, креативноста и сензитивноста. Кај оценувањето на есеите на учениците од средното образование беа земени предвид опфатот и толкувањето на темата, како и начинот на изразување и креативно пишување.
Во оваа прилика, гувернерката Ангеловска-Бежоска им се заблагодари на сите ученици кои учествуваа на конкурсот и нивните ментори и нагласи дека Народната банка ќе продолжи со едукативните активности и во иднина и со поголем интензитет, имајќи го предвид значењето на финансиската едукација за младите и за населението, воопшто.