Во второто тримесечје на 2018 година, ликвидните средства на банките на сметките кај НБРМ се зголемија за 441 милион денари, наспроти намалувањето во претходниот квартал. Растот на ликвидноста на банките во вториот квартал од годината беше одраз на намалениот интерес на банките за пласирање на слободните ликвидни средства во краткорочни депозити кај НБРМ. Состојбата на монетарните инструменти во второто тримесечје се намали за 492 милиона денари, што во услови на одржување на состојбата на благајничките записи на ниво од 25.000 милиони денари50, во целост произлегува од намалувањето на износот на расположливи депозити преку ноќ, при мал раст на расположливите депозити на 7 дена.
Автономните фактори на нето-основа придонесоа за умерено повлекување ликвидност од банкарскиот систем, во износ од 75 милиони денари. Според анализата на поединечните автономни фактори, главните текови коишто предизвикаа повлекување ликвидни средства од банкарскиот систем беа трансакциите на државата и готовите пари во оптек. Од друга страна, за раст на ликвидноста на банките, но во помал обем, придонесоа девизните интервенции на НБРМ со банките поддржувачки.
Во второто тримесечје на 2018 година износот на ликвидни средства на сметките на банките кај НБРМ над нивото на задолжителната резерва беше значително повисок во споредба со претходниот квартал. Состојбата на ликвидните средства на банките на сметките кај НБРМ во вториот квартал од годината беше повисока за 9,0%, во просек, од задолжителната резерва, што е забележително повисоко остварување во споредба со претходниот квартал (во просек 1,0% над задолжителната резерва). Растот на вишокот ликвидни средства произлегува од определбата на банките за одржување на вишокот ликвидни средства на сметки кај НБРМ, во услови на пониски каматни стапки на расположливите депозити кај НБРМ.
На крајот на вториот квартал од годината примарните пари се пониски за 2,5% на годишна основа, што е умерено понизок пад во споредба со претходниот квартал или 5,6% на годишна основа